Гане Тодоровски. Поезија ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ Во редот од книга јас не сум те сретнал, јас не сум го видел ни образот твој да стои на ѕидот; но прв пат те сетив во сказната чудна на дедото мој. Ја пазам јас в спомен априлската вечер со потаен шепот во малиот двор, со многуте сказни за Гоцета Делчев што растеа снажно в дедовиот збор. Минуваше тогаш триесет и осма, годината, кога во доцниот час го кренаа тате, кога јас му носев во затворот ручек, со залипнат глас. И знам таа вечер, крај тревата мека ти, дедо, ми кажа еден расказ долг; почнуваше: чедо и тебе те чека судбината наша, но те пазел бог. Осумдесет лета од грбот ти сметна пред мене се јави ко смел јунак млад; и видов сал солза во око ти светна и видов сал здивна низ нестивнат јад. И слушав јас, слушав за судбата наша на маките ропски бескрајниот ред, за нашиот народ што сеедно праша дал еднаш ќе има слобода и леб. Јас слушав и прашав: зар овоа сето е вистина така; зар и домот мој на другому паѓа, зарем не е светот создаден за сите, за радост и пој... Но потаму дедо ти запра и тогаш сам животот суров, несносните дни продолжија да ми говорат за Делчев, јас низ нив го гледав неговиот лик. Тој - ликот на Гоце, се вееше гордо на знамето наше во тешкиот час, низ земја ни кога тевтонските орди пируваа диво, со дивјашка страст. За прв пат јас тогаш делчевото име извезено в срма на бајракот ал го сретнав; а беше бој крвав... Низ димот во бајракот поглед управував сал. Пак истите денои, во планинско село за Гоцета дочув од селанец стар, жив познаник негов; со набрано чело; зборуваше многу со гнев и со жар. Од расказот негов за личниот орел сал едно се вгнезди во споменот мој: сакајте го Гоце, тој за вас се борел тој за вас го даде и животот свој. И скапото име, ликот Гоцев светол. во срцата наши си задлаби траг; а во дните нови на животот цветнат со Гоцета ние се сретнавме пак. В последната битка се сретнавме милно в грејнатиот в радост прв слободен ден, во редот наш кога маршираше силно гоцевиот портрет в цвеќе искитен. Во редот од книга јас не сум те сретнал, јас не сум го видел ни образот твој да стои на ѕидот; но прв пат те сетив во сказната чудна на дедото мој. ПОЕТОТ На Никола Ј. Вапцаров Го однеле, велат, в разлутена полноќ кога пиштел диво фабричниот рев, седмина на растрел... А лицата волни им ги красел сетен, мечтателен смев. Ги однеле в ноќта, нив орлите седум околу со обрач полицејци ред. Тој - поетот со нив врвел машки, редум, со нив редум сјаел образот му блед. В неговите усни екнувала песна родена на Пирин саканот крај, пеана крај Охрид кај далгите бесни го плискаат брегот со сребросин сјај. В неа зборел Гоце – борбеното знаме македонски зборој £ краселе звук, и Илинден шумел, се надигал Јане се веело знаме со срп и со чук. Немеела глува, натегната полноќ, а Софија сета молчела во сон; се носеле мисли, спомнувања волни, за горите каде проекнува ѕвон. Искрснувал спомен за мајката стара седната пред порта во сокакот мал, со немоќен поглед в ноќта како бара да го види син си, но набира жал. Се ределе кадра, спомнувале сите спомнувал поетот незабравен час, но наеднаш злобно низ спомени свидни дал повелба страшна џелатскиот глас. Молчаливо тие се простиле сетнем, загрнати братски во страшниот миг, и наместо смрачен ним ликот им светнал и пак тој – поетот, смел надигнал вик: „Но да умреш когато се отр’сва земјата од отровната си плесен, когато милионите в’скр’сват това е песен, да това е песен!" Пак екнала мошно победничка песна: „иднината светли, наш се ближи ден" а потоа грмеж на пушките бесни, грмеж екнал злобно в песна заглушен. Ги однеле велат в разлутена полноќ на растрел а усни им гласеле спев: Ним крвникот подол врел живот им земал но песната, духот и машкоста – не. НА ВАПЦАРОВ Го чувствувам стихот ти што си го поел макар и на јазик друг да си го пишел; го чувствувам оти и срцето мое низ твојот стих тупти, живее и дише. БАВЧИЧЕТО Бавчичето наше прав го праши сив; пустеливо диво, во него се свиват искршени ветки, цвеќенциња ретки, оголена слива, и буренот див. А некога тука, во утрина чиста росен шебој листал... Бавчичето наше не радост а жал ми скорива жива; в бол срце ми свива. И каде е, каде карамфилот ситен мирислив и китен кој со рака дива го искинал...? А некога тука во пролет и лете ал-трендафил цветел... Бавчичето наше крај нашиот двор, занемено денот го среќава рано. Ни цвркотни пилци не претнуват крилца, сал смрштено збран е зелениот бор. – А некога тука... Но денес, но денес глеј: цвеќето вене. Бавчичето наше враг го урна зол. Тој го скина кринот тој го смрачи денот на нашата пролет. Тој запусти поле, но тој кај нас крена одмазда, не бол. В бавчичето наше мал се гушка цвет. А е еден, еден останат за тогаш кога ќе се вратам, и мојата пушка сал тој ќе ја гушне победата кога ќе искити свет. И тогаш, сред цвеќе в бавчичето мое пак славеј ќе пое. НОЌНО ПОЗНАНСТВО На Кочо Рацин Во глувата полноќ крај ламба преморена, го минам последниот ред на книвчето мало за мугрите створено, од незнаен, сакан поет. А однадвор ветерот тропа разлутено и трепери бледиот сјај; јас гледам во книгата, некако смутено пак листот го вртам до крај... Пак четам јас, одново гледам по страните минувајќи не еден пат за Ленка и Татунчо тажен, за раните што печат по селскиот кат. За сите тутунари в ноќва осетени, за нивната солена пот, за сите гурбетчии в маките сплетени под туѓиот далечен свод. И знаев јас блиски се они на срцето а образот нивен е жив, се ветив сам гневно низ забите скрцнати ќе бидам јас вечно со нив. Темнината ноќна зборуваше здивено што доцен е веќе час... Крај ламбата бледа, низ книвче посивено со Рацин се запознав јас. ДОЈДИ В ОХРИД Во мугрите кога ги растури исток по небето темно златистите зракои, штом сонцето тргне проблеснато, чисто по пресните следи на ноќта и мракот; езерните далги во утринен блесок го гушкаат милно крајбрежниот песок, – тогаш дојди в Охрид. Кипарисот висок, дабјето крај патот со ветерот кога ќе запеат песна, низ полето кога се лулее злато, Дрим разлутен бега од врбите ресни; Галичица кога рој приказни реди и мирот со тајност почне да го следи. – тогаш дојди в Охрид. Темнината кога плашт кадифен фрли и избега денот зад вршките снежни; штом зативне ѕвонот од блиските трла а врз сводот темен ѕвездената мрежа, се распне, и светот в сон потоне длабок, сал негде е слушно шумолење слабо, – тогаш дојди в Охрид. Во тихата вечер, притаена, мирна, штом месецот тргне по сводот да шета и некаде таму в недогледот ширен саканата ѕвезда тој, среќен ја сретне во одблесок чуден езерото сјае а околу светот е занемен, трае, – тогаш дојди в Охрид. ПРЕД ПАМЕТНИКОТ НА ДЕЛЧЕВ Вечерва со тебе да зборувам мислев и еве ме, дојдов во доцниов час, сив октомври рони пожолтено лисје, октомвриски ветер ме милува ете, октомвриска радост преполнила гради ечи в мојот глас. Јас пред тебе стојам, пред образот ладен што вечерва жив е а не занемен. Почнува низ градот ноќта да се краде ветерот се плетка низ свиткани ветки и тука по патот распостила злато ветрот немирен. Вечерва е вечер на спомени пресни што в секое срце искрат копнеж врел, вечерва е вечер за најмили песни што низ гради волни, со радост се полнат; нив в машкост ги плиска минатото блиско на народот смел. А јас – јас ти праќам жив поглед и сакам да ти кажам нешто, само некој збор, и ти одобруваш со твојата рака, велиш: момче кажуј за смелите мажи, за октомври славен, за октомври светол за Илинден втор. Почнувам. Ти слушаш, ти мене ме гледаш со погледот чуден, радостен и тих ти слушаш глас еден од многуте чеда што достојно, смело патот твој го следат што в градба ја градат гранитната зграда на животот мил. Октомври е денес во нашата страна да, еве го кај нас, го сеќаваш ли? Во октомври, Гоце, роднината стана и внуците твои нарипаа в бојот со твоето знаме разгореа пламен во октомври сив. Октомври се шета вечерва низ градот во срцата наши празничен е тој, октомври ни носи насетена радост а животот убав преполнет со љубов, израснува светол и кипи и цвета в трудовиот бој. Ноќта тихо шепти по лисјето меко во градот се спушта кроце доцен час, „видение добро" на Гоце му реков октомвриска вечер ме гушна ко дете октомвриски расказ в октомвриска вечер привршував јас. МЕСТО ЦВЕЌЕ... На сестра ми Лили I Кога денот над град смршти темни веѓи, а врз сводот ќе се родат сјајни пеѓи. Сам се скитам како сенка в ноќта глува, сам со споменот за тебе в срце чуван. Сам се скитам. Градот молчи, градот спие. Месецот зад вршка темна лежи скриен. Вардар шепне а крај него брези мали, в сон се свиле; ветер доцен нив ги гали. Сите спијат... Нема кому збор да кажам, зошто скитам в ноќва темна зошто тажам. И се враќам тогаш дома таму ти си. Портретот твој драг на ѕидот немо виси. Јас го гледам и со мисли в детство шетам. Мислам оти барем малку ќе те сетам. II В стајата светилка трепка фрлајќи жолтоблед зрак, уморно паѓаат клепките уморно в доцниот мрак. Раката полека мине редејќи натажен стих стихот мој тагува кинејќи в срцето закопан здив. Мило ме гледа од ѕидот насмеан погледот твој. „Никогаш не ќе се видиме" шепотат очите мои. „Ѕирни во срцево мое" – шепнам низ натажен стих, „кажи ми дали е твоето; дали го остави ти?" „Дали ја однесе смртта твојата љубов кон нас, или пак таа останала скриена в тажниов глас?" „Кажи ми?" Сликата молчи гушната в жолтоблед зрак. Солзат уморени очите; гледајќи в образот драг. III Многу пати ќе те сретнам мила кај ме гледаш од некоја слика и ќе сакам да ти речам: Лиле зошто молчиш, зборни, јас те викам! Ќе ме гледаш ти со насмев тажен знам: ќе сакаш нешто да ми речеш, и од мојот поглед, веќе влажен мала солза тихо ќе се свлече. Ти ќе гледаш... Разбирам, ќе прашаш дали Влатко , твојта рожба свидна, весело се игра в сокак прашлив или веќе ученик тој биднал. Чуј ме драга сестро, чуј ме само вчера една сказна јас му кажав; а тој рече: о, па јас од мама сум ја слушал... потем смолчи тажно. Мал е Лиле... пет години цветни уште нема; а те помни веќе. Уште зборот мајка не го сетил да го сети немал таква среќа. Често тој на слика ќе те види и ќе рече: мама в гроб се скрила. Мене солзи во око ми идат: верно Влатко в гробот лежи Лила. Многу пати нежно ќе те сретам в некој спомен во срцето скриен и ќе сакам топло да те сетам но сал болка в срце ќе те скрие. IV Две очи познати, мили, две очи насоне сонети, две тешки воздишки биле од моите гради одронети. Па, твоите очи Лиле во спомен нежен сочувани, во мојот сон се скриле и биле братски милувани. V На гробот нејзин место цвеќе букет од песни носам јас. Да берам в поле цвеќа нејќев жал в срце збрав низ тажен глас. И нека тие песни бидат сал еден тажен братски здив, што често в гради ќе ми иде низ спомен минат в тажен стих. Со рака трепетна ги пишев трепереше и мојот глас, ги четев ноќе негде скришно и над нив долго плачев јас. И нека бидат они рози откинати во ветен мај, натопени со мојте солзи што јас ги леам свиен в чмај. На гробот нејзин место цвеќе букет од песни носам драг. Низ него шепне брат што веќе лик сестрин не ќе види пак. ПОГРЕБ Колку досадно чкрипат тркалата, чиниш: режат врз патот со нож! Сводот истура пролетен дожд, Молчи смирено малото маало. Бавно коњските копита тропаат, татни зловешто нивниот звук; чиниш: в срцето разорал плуг, – тука можеби гробот го копаат! Грст од земја врз ковчегот спуштена; низа солзи, – врз мозокот сач. Мајко, мајчин ли нададе плач кога падна врз гробот ти срушена. Потем молкнати дома се вративме, пак по истиот раскален пат, но со поголем насобран јад, – мајко, болките не ги испративме. * * * Пеј ми, пеј ми, расплакана жицо, нека јурат прстите по тебе, ко што јури здивената птица што не нашла мир на ширно небе. Скриј се, таго, длабоко во мене кај што нема да те најде никој. Плачи, жицо, јас сум чуден денес, нејќам да се чуе мојот викот. Радоста е можеби за сите, низ насмевки образ она плиска; а ти, таго, чии гради китиш? Кому ли си сакана и блиска? Плачи, стенкај, жицо, пеј ми бесно, милувај ја тагата за Неа; ќе ја чувам в срце таа песна а со тебе и јас глас ќе леам. ПОРТРЕТ Утро пасмурно... Заматен џам! Зад прозорецот есента тажи. Дали некому треба да кажам во одаава зошто сум сам? Сам во мислите! Закажан срет... На засмеани очи се смешкам. Спомен далечен, – колку е тешко да се сретнеш со близок портрет! Чиниш некој ти забива нож, ти го осеќаш болот и траеш, а во погледот насолзен сјае нежна капка од ситниот дожд. Или минеш по првиот ред на страницата читана дамна, па се чудиш: што толку си пламнат а пак образот останал блед! Есен... Џамот е уплакан сет. Зар прозорецот со мене тажи? Значи, едино нему му кажав јас за сретот со еден портрет! БАЛАДА Клип-клоп, клип-клоп, се носел звук во ноќта црна. Клип-клоп, клип-клоп, а доцен југ низ лисје врнел! О, кој ли в зори барал пат низ стрмни ридје? Кој јавнал улав, вихрен ат и кај ли идел? Сам крила ширел вихрен ат. Сам негде вјасал... Зар негде в некој горски раст млад живот гаснел? А ветерот се меткал в бол и ревел диво, ко божем гневен, ранет волк во зимо сиво. Стој, ветре, кажи кој е тој, стој ветре ладен. Зар имало пак денес бој? Тој може паднал? Тој – мојот другар ветре мил, што ловел бури; од кого врагот глава свил и бегал штуро. Зар не ќе дојде, ветре див, тој кај нас в село? Зар нема веќе в денот сив тој пак да стрела? Но, пак клип-клоп, и само глас на тропот далек... Со згушен плач низ горски раст сал ветрот жалел. ВО ГРАДОТ НА ПРЛИЧЕВ Вечер замолкната... Улици пусти. Сам низ улиците минам. Петмина старци со песна на устите нешто од срцето кинат. Пеат, а песната нивна ме стисна, в грлото в купче се собра; в очите стаклени солзи се плиснаа, солзи врз руменен образ. Пеат, а песната в срцето јури, жиците таговно ѕвонат; пеам јас со нив, и пак трубадурите зборови старински ронат. Зошто ме заплени нивната песна вечерва тука што јачи? Зошто во срцево нешто разбеснело? Зошто ли срцево плаче? Молк по улиците, ѕвездена полноќ... Песната уште ја свират. – Старче, ај чашкава земи наполни ја, пеј ми за тажниот сирак. Пеј ми, ти песнава чија е знаеш? – Прличев момче ја пишал! – Прличев старче, обајцата знаеме, обајцата таа нè стиша. Полноќ... Однекаде езерски ветер крадешкум дојде до мене. Можеби заедно ние осетивме песна од Прличев денес. ЗАБОРАВЕН МОТИВ Пожолтена режана бука, разурната црквичка стара... Низ гората клувкарец клука по корите бубачки барајќи. Пожолтена режана бука, избледнети икони стари... Кој длабел пред векови тука? Кој ѕидов од фрески го шарал? Кој некога в пустиов осој, по немиве клисури влажни, со далечна мисла се носел од срцето нешто да каже? Го цртале Христос на ѕидот, го криле од вражјите очи; но наместо Христа наш човек од ѕидот насмеано молчел! Во дрвото длабеле лисја и венци од цвеќиња цветни, во дрвото расцветал мислиш од нашите полиња цветот. Зар тука, низ чадниве шари, во овие клисури диви, молчаливо некој го барал големото право на живот? Зар тука прозборело она незгаснато чувство и стремеж на нашиот потиснат човек што вечно кон волност се стремел? Зар не можел врагот да сети што букиве режани скриле? И тие молчаливи светци, сал светци на ѕидов ли биле! Пожолтена режана бука и фрески на ѕидишта прашни... Од векови живее тука големото минато наше. НОЌ БЕЗ ИНТЕРПУНКЦИЈА Кон брегот бродиме Ние, – осамените патувачи... Разнишана умората боли! Бараме начин повторно да се родиме повторно в зорите голи. А мислите разголени треперат; врз кожата на ноќта немир гребе. Со кајчето на надежта се носиме, ЗОРО, кон тебе, поникната над клепките натежнати. И никој нема сила, трошка од силата барем запирка само да стави! А точките ги мразиме. УТРО Се прибира на спање последниот пијаница, последниот пијаница улиците ги ниша, вртејќи ја мрзеволно најновата страница на денот нов во таа предутринска тишина! Прозорците се неми, а зад нив пак сонуваат занесено за среќата што секаде се бара; штом биднат будни луѓето скапернички ги чуваат мечтањата за кои во сонот не се карале. На исток се оддиплува од срма блескав покривач, по трети пат за тоа кај крештат сите петли. Темнината по кривите сокачиња се сокрива, и бледнее од страв пред таа груба светлина. Нарушена е тихоста... Крај Вардар шум по плочникот, со ôд на срна шета по него чуден гостин! Та, тоа дошло утрото, со него денот почнува низ градот како победник тој власта си ја простира. Последниот пијаница се прибира уморено, а очите пропаднати ко јаглења се жарат. Не, тоа веќе сонцето на ридот е разгорено и одблесок во очите на клетников побарало! НОЌ Ноќта сокри некого од некои... Некаде започнаа да плачат. Ноќта личи на бездушен пекол, злоока ко несреќа, и мрачна. Има она белузлави очи, широки ко јамата на мракот, – што го скриле со здивена жолчност чувството за секога уплакано! Тежи ноќта, тежи како празнина грижливо ископана од болот; жестока е ко секоја казна траг што чува врз тело разголено. Има она пипала што дават како полип во морски длабочини... Умората наведнува глава, – Ноќ без дно и ноќ без трошка починка! Ноќта сокри некого од некои... Некаде започнаа да плачат! Ноќта личи на бездушен пекол, злоока ко несреќа, и мрачна. МОЈАТА ПЕСНА Замаглена од димот на крчмата зачадена, приспиена од спиртот на безброј чашки полни, се раѓаш песно моја, сè уште неизградена, намрштена и матна, натажена и болна. Приглушена од гласот на други што запеале а слабичка да стоиш во некоја си книга, ти рожба си на чувства што в срцето назреале и плод си ти на ноќи во кои не се мига. Понекогаш ко бреме во мене си натежнала, и тогаш лесно мигот врз листот ќе те стави; но, може долго в мене притаено си лежала а твојот образ уште на светот не се јавил! Наросена од сјајот на утро светло-алено, нагласена по гласот на некој горски птици, ту весела и мрачна, ту среќна и нажалена, ти слика си на оној што има едно лице. ВО ДОЦНА ПРОЛЕТ КОН НЕРЕЗИ Најчесто, токму што се разденило, Ја искачуваме оваа нагорнина. Ридот со благи грпки лулее чекори морни, В пресрет: нерамнини пречекливо зеленило. На дофат поглед околу: засевки лебородни и мали простирки лозја, лозја, лозја. Крај патот што ластарее: бресја бојлии, по патот: брзоодица. Го пресретнуваме забрзано поточето, тој веселник од Султан-суи, и доброутрата на торбешите од Света Петка, што слагаат в град со товар грижи и нешто матеница за продавање. Часипол јазење сме таму – љубено катче починка. Жените веленца постилаат под коштаните, веќе зазборени. По некој поглед надолу лунза, надолу в полето, кадешто Скопје го пржат горештините. СЕДУМ НАВРАЌАЊА КОН МОТИВОТ ТРЕПЕТЛИКА 1. Зелени клепки несон. Зелена, нема разбранетост. Таа е лична средполка, средполе сон прегладнета. 2. Ставата £ е зеленило пеперуги пленети вечно во вишна вертикала. 3. Прекопната за спокој, неспокојна се траќа, трепери простум, се вѕира во облаците, го следи патот, тагува по катунците и ѕемне кога спотнат средлетните безветрини. 4. Ја мачи ли безсоница, во уплав ли се тресе грешно-прегрешна јаловица занесена? 5. Крстеник да ми беше, со немир би ја крстел, немир-немирлика, неродна полска висотија. Вечерник да сум, трепетот би £ го брстел, трепетот, показ на стравлива самотија. 6. Колку е само плашливка, самата ќе ви рече, Везден треперење: Утрина. Пладнина. Приквечер. 7. Им се заблазува на птиците гнезда што свиле во неа, на сонот, рожбите, починката им се заблазува, Несонка. Неротка. Зелена неспокојничка. ЉУБОВ Милувам прашинка да си, тих повеј да ми те донесе... Прашинка љубов, прашинка ништотна, прашинка невидна, но сепак љубов, сепак љубов. Дај да те имам во дланкиве Нетежина, Несетило. Дај да поверувам дека си во мене, стуткана некаде во мене. Милувам прашинка да си, тих повеј да ми те донесе... Како што напролет цветниците зачнуваат дај да те заплодам, за да се родиш во мене љубов богатница, љубов имовита, љубов плод љубов надрочена. Милувам прашинка да си, тих повеј да ми те донесе... Но, јас те имам немаштино најтрајна недостиг, најблиска недофат, најголем недорек, па, место грижата за тебе поначесто сум доволен од себеси. ПОРАКА Слези крај брезите, сети го светот младеење, – Друшко трепетушна, желна и жедна живеење. Мечто стоимена, времето везден го губиме, со очи порачај: грабни ме в преграб и љуби ме. ДИЈАЛОГ Таа: Нешто ме мачи, нешто ме мори, срцето драги оган ми гори, бол некој лудо ги гнети, – Тој: Ја сфаќам, веруј, твојата тага, но, болот не се разбира драга, тој треба да се сети. НЕРЕЗИ Во секој поглед: Занемена големина! Во сека мисла: Победа над невремето! И одвет: Ваше сум Вчера! Колку е малку нужно в очи да те збереме, колку е многу нужно во дланките на самочувството да те сочуваме. Витосни векови време требало да се надживеат, векови невекувани, години неизгодинети, денови неразденети. Витосни векови време во костец со забравата и - пак те имаме. Тука сме, речи ни: почесто елате тука и узнавајте ја смислата на своето постоење. Бликотен врутоку влеј се во нашите пориви, така да истрајуваме, така да се осмислиме, така да убавееме. Многузборлива немотијо, велиш ли: и покрај сè – живееме, живееме, живееме. ВИСОКИ ДЕЧАНИ 1. Меѓу спокојната извишеност на борјето, во лак извиена врвицата се губи, Одеднаш: сјај од едно вишно кубе, ковани порти, влез во манастирско дворје. 2. Мраморен молк над ова катче виснал, и мирис млак што спомнува на минато. Наоколу зеленее тишината на лисјата, низ неа мирно пафка коприната на небото од ребрата на мало облаче раскината. 3. Стотина сништа можеби тука се збрани, претопени во линии, копаници и бои, стотина напори можеби станале рани пред сето ова што тука ко обелиск стои. 4. Тука вековите својата смисла ја пазат. Тука се диплеле столетија на надеж. Тука се нагодинети долгите дни на омразата, Во кои верата во себеси е градена. 5. Тих пристап. Тихо набљудување в игри од бои, в облаци чадни и неми; и тиха мисла што шепне: посилно нема од стремежот за самосочувување. СПОКОЕН ЧЕКОР На Јонче Наумов 1. Врз сивите, счучурени контури на предградјето, ја сипе примракот својата темна прав, и како предвесник на ноќта што ќе пристигне на вечерта декорите ги реди. Стежнува врз сетилата свежиот мирис на мракот. Верувам: тој си мислел ноќта е мал квадрат што сите осаменици немилосно ги стега, па тргнал кон прагот нејзин, тргнал во примракот бучен, закопан длабоко в себе. Верувам: осамените дното на мракот ги влече, За нив е тоа пристан, скриен од сечии очи. Често во него се шепнат сетните молби на денот. Често во него отсутноста на луѓето се открива, Верувам: тој си мислел ноќта е тивка лединка, Од која изморените починка мала бараат. 2. Утрината го најдовме в болничката капела, пак сам на подот бетонски, пак плен на осаменоста од која така бргу мислеше да се спаси. Му беа очите отворени и бистри, ко што е небото во мајска ноќ исплакнато, прилегаа на поздрав и срдечен и чист. А ние пак одговорот сакавме да го најдеме за чекорот на ова бегство. Како да беа очите пукнатини, низ кои ќе ја одгатневме причината за она што ноќта октомвриска од нас го скри. Можеби по волтвитменски да го наречеме би требало урнатина трупов, што сега моргата го плиснала пред нозеве несигурни, оваа кревка, оваа свидна фасада, што доскоро ја знаевме за осмокласник, за кого некролозите соопштија: загинал в несреќен случај. 3. Не узна никој зошто тој избега од луѓето постилајќи го телото врз шините крај градот. Замина нем како челикот што ладна прегратка му стана, копнејќи може да не е на осаменоста плен. Денеска тој е тема во споменот на своите и натпис в камен што никога нема да раскаже за немата отчајност на ова финале, за оној чекор спокоен што тој го стори во ноќта на 8-ми октомври. 4. Напати кога земам Сандберга да го читам не попусто подзапирам на оној стих, во кој старецов вели: СМРТТА Е СПОКОЕН ЧЕКОР, ВО БЛАГА, ВЕДРА ПОЛНОЌ. СОНЕТ Можеби си спомен, нечујно што минал низ моите мечти оставајќи трага? Можеби си зборот јас што сум го скинал од усните свои, низ насмевка блага? Можеби си сенка, што во ноќта сина одмина без „збогум“, недофатна, драга? Или: крик на страдник безгласно што зина? Или: лик на свидна, неплакана тага? Остани за навек Моја, Една, Блиска, биди само име в занес што се блада, биди песна звучна што низ солзи плиска. Остани за навек далечна и нема, биди вечен гост на срцето што страда, од кај не ќе може никој да те зема. ВО НОЌИТЕ... Во ноќите од немири изгребани, тишината е постела за морните спокојството што си го погребале. Во ноќите од размисли решетани, умората е бескрајна нагорнина и патека од надежи расветлена. Во ноќите од надежи преполнети, тишината се грчи во сомненија во некој ќош на мислата засолнети. Во ноќите од јадови излокани, размислите се блага, тивка рамнина, што в своите широчини поканува. Во ноќите од досада излитени, претчувствата се пленик на безличноста што самее во издивки накитена. КОН ТАТКОВИНАТА Делнична мисла на луѓето ти не си им освен на оние, кои за тоа се платени Децата првпат те сретнуваат низ песните, пред сè ко поим одвеќе книжно сфатен. Но, кога тие ги слушнат свидните имиња на Делчев, Петров, Сандански или Ацев, тогаш ти веќе конкретна форма зимаш в пригодна песна или во плескање раце. Понекојпат се случува и ние на малечките да им раскажеме за тебе нешто поблиско, за тебе земјо татковска, за тебе мечто Делчева, за тебе првенче октомвриско. Денот наш полн е со грижи и проблеми: дете разболено, дрва, пари за нешто ново. Проштевај мајко ако ти не си тема тогаш во нашите најинтимни разговори. Катаден мислите во безброј грижи ги топиме, нашите желби низ што ли не се протињаат. Не сметај дека в забрава сме те закопале името твое помалку штом го спомињаме. Но, кога празникот ги насмевне улиците и ги претовари со мажи, деца, жени, не ли се чете во секое наше лице колку те љубиме тебе, колку те цениме! И кога некој повод ги качи врз трибините долгите говори името што ти го слават, на кој ли морници низ жили не му минат пред сето она што кај нас е направено. Ако пак некаде започнат да ја пеат „Денес над Македонија“ со гласови разлеани, верувај дека тогаш луѓето в срце те греат сеедно дали на митинг или во некоја меана. Остави нека секој по своему те љуби, пред тебе стои патот да крепнеш и да младееш, и нема нужда сите на еден глас да трубиме дека најскапото за тебе ќе го дадеме. Воздишки, смеа, нерадост, радост, плачења... Патот низ животот знае за многу бои. Но, некој призне ли сводот да ти го смрачи тие сме колепко, уз тебе што ќе стоиме. ПОРАКА Ела – Нашето доодување допрва почнува! ќе го започнеме патот изутрина, голема, бистра, единствена изутрина, наша изутрина – Ти понеси до грска-две разбирање Јас ќе ти донесам ракатка љубов И ќе ти наберам недоброј стракови доверба, штотуку никнати, кревки, затоа убави – И знаеш, во името на нас, На сите зла што глодале низ нас, Дај да им речеме едноставно Д о г л е д а њ е! Нема тука што! И да ги пратиме злата еј, дури онаму, Петлите денот кај не го будат, Кај нема зелени бушавости, Ни пцошки лај, Во таква невратка – Така олеснети, смеолики, смеоносни, Со многу мир за претстојните немири, Светлооди, бистродушни, до зарек блиски ќе си преминеме отаде Лета за да веруваме дека никога на овој брег нè немало – ВЕЧЕР, РАЗБУШАВЕНА ОД ВЕТРОТ Попладнето е сиромашно со бои! Сивотија – тој грд, тој толку скучен декор. Замотана во глупава едноличност Се тегави таголико улицата. И речиси се сеќава Онаа знајна, Онаа морничава празнотија, Толкупати што стежнувала над градот. И фино богами што дојде вечерва Овој споулавен, Овој разулавен, Овој за пакости роден ветер – Рацете, што ги нема, да му процутат, Да би си нашол мир и спокој овој невртикуќа, што умее да ни го разведри челото, да ни ги истрие очите, да нè пропурјачи, та да копнееме и да се нуркаме подетинети, во сите разбушавености на светов – Зашто, права е милина, навистина, нечии кадрици да мрсиш, ко што е права милина во штуро попладне да завлезеш во вечер од ветрот разбушавена. СОНАТИНА Сега сме само спокој, сонуван сакан спокој самотија и свежина – Празнично пркни пеперуго, пепелава пеперуго, по полскана полежина Толку е тука тивко, таинствено и тивко, токму за троа тагување – Маѓосно молкот мами, мрешкави минутки мами Мирување! Мирување! КРЧМА Стар пристан... Четири со пет метра простор и пет-шест празни маси! И му се молат на богот Алкохол претајќи овдека со часови. И овде умее здодевноста цел ден да мудрува за смелите необиди и преку еден презир неречен за сите недостижности да коби. И му се молат на богот Алкохол недоброј најдобри зеници, и топат во вирот невера најцрн бол илјадагодишни ненајденици. А делникот неповторлив овде низ слап од часови се должи и влева преку ритам спор и тивк ројаци сеништа и полжави. ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕТПАЗЛИВОСТ Страхувај се од оние што преку лице восочно ти нудат букет нежности. Во него цути студ и погибел. Страхувај се од оние што преку подбив зол човечките илузии ги плукаат и ги презираат. Страхувај се од оние што не веруваат во ништо а исто и од оние што можат да поверуваат во сè. Страхувај се од себеси кога си дребнав и малодушен и кога смело газиш по работ на самоизмамата. Страхувај се од оние што почесто и многу те поткреваат, затоа што е мошне незгодно главечки кога се паѓа. ВИСОКИ ДЕЧАНИ, ДЕКЕМВРИ 1957 „Таму има камен мерџанлија, од среброто до три аспри поскап; да го носиш, тешко – не се носи, да го кршиш, тврдо – не се крши“. (мак. Народна песна за В. Дечани) 1. И овој примрак бел, и овој пречек бел, и ова ненајавено пристигање среде витлавица од студ и снег, заустија пред твојте порти: дојдовме да те однесеме Убавино, ние дребнавиве малкугодишници, дојдовме да те однесеме Убавино, ој, клета, жива завист човечка. 2. Студна и сура ноќ. По рацете – подноктица. Молк спроти молк. Штури се шуткаме, празни раце: првин од кај? 3. Морници лазат, рацете трпнат, тежина! Плешките болат, коските вртат, тежина! Плуските пржат, очите вторат тежина! Три сажни восхит, толкав е пленот, толку откинавме. Остана зад нас становиот спокој векови што си векува. Стопати да се дојде, стопати ќе се ојде сè счудоневиден, сè многузавиден: овдека оставете ме, овдека, во кат големоличнина. ПОСЛЕДНИОТ СОН НА ПОЕТОТ Сечко ја склештил Белокамената1 в сон, Сета... без една будна тага. Течат прозорци во стаја малка А воздух тежок, вонешта влага, На дрвен одар тело сја валка...2 Сечко во душата како и вон. Солзлива самота во морни црнки сјае, Соништа недосонети, клепкиве заклопете ги, Гладниве глобови измама исполнете ги Клепкиве, клета тежина, починка нека знаат. Велите: идат! Очи претежнати ноќ, очи прегладнети сон, очи и очекување. Шепнете: идат! Несреќо, имаш ли моќ за да го секнеш бликотното радување? Тисканица од бои: зелено... алово... сино! Лаки со невина тишина, недоглед златно лулеење, гроздови палава младост, кикотни карти вино, недопир јужно синеење. Убавино на минати младувања, в срце што твое останало залулај заден сон, света домородност, допир на свидно радување, пристапи поблизу, пристапи, студно е вон. _______________ 1 Белокамената - Москва 2 Стихови од песната „На чужбина“ од Рајко Жинзифов Бујатост гласови стајата пролет ја полни, Сечко распролетил, па запоточиле песни, Колку ли брзо разбрале дека сум болник! Родино, сполај ти на сета понада леснина. Дојдовте, Добрино, поседнете крај зглавјево, Другари, друженки, речете кој ве пратил? Дојдовте, ракатки пролет, в час кога Сечко сматил „Цвет од здравец – да си полн со здравје“, „Цвет вратика – дома да се вратиш!“ „Дарови наши се тоа, дарови за тебе Фони.“ Фони! Клетник! Колнат од дамнина. Фони! Скитник! ’Ргал по туѓина. Фони! Сирак! Немал татковина Ниту блиски, ниту мил. Несполучник, со лик стемнет. бедник, крик на сопче лемно, самик, секој миг што ѕемнел, болник, болки в стих што скрил. Земи, велат Фони, земи брате, нели денес имаш роден ден! ТАЖАЧКА ЗА КИРЧЕ ПЕТРОВ Првестија на вдовата Камчевица, зборливко мајчин, златнонасмевник, синето мало, сине единаче, седумгодишначе – Клукни да не клукнеш: прокобнице злооката, пукни, раскини се расипикуќо, кукај Камчевице клета кукавице, клукни болештино, најболештино, клукни дозатри ме! Добро ле мајкино, добрино недобрувана, кому ја мајка клетница остави? Кирче ле, крилце непркнато, сончевина невидено, в синевина некапено, кој ли ме, кој ли ме проколна очиве плач да ми немаат! устиве збор да ми не знаат. Гиди неправдијо среќо гламјосана, мене ли кутрата, мене ли ме најде та ме запусти? Господе, голем та најголем, Господе, голема горчино, стемни ме, не разденуј ме, кај да се столчам грешница, трешница ме изгорела! Чедо единаче, залаче среќа мамина предвреме изгоро, предвреме сине ми замина, мајка ја остави жива и непогребана, клета Камчевице, камења да те колват катаден. ПРИКАЗНА ЗА БАЈРАМ БЕДРИЈА Скопски амал N0 202 I Од она ќоше на нашиот плоштад, Каде што џагорливите Топаанчани Севезден опчекуваат туѓи тежини, Скокна наврапито во едно студено утро Кое улиците ги прекри со поледица, Младиот Бајрам Бедрија Бројката 202! Скокна во пресрет на една тежина, Лесна, лесна та лебоносна. Сила е Бајрам Бедрија. Маж збитак. Цела грдосија. Не знам да речам кој кажа Дека го сретнал наконтен И во температе на Никола Мартиноски! Плукна во рацете задоволно, Им намигна на останатите маалчани Место „Догледање“ И како веднаш да ја сети в раце Топлината на двете стотки што ќе дојдат За да ја распеат довечер челадијата, Онаа палава босоногија што изутрината ја остави ко студен наниз мразулци под стреите на плитарот в предградјето. II Сонцето катаден изгрева наутро. Зиме го мешколи дискот свој блескотен најпрвин онаму, врз сртјено кумановско, па трчешкум се претркалува над Скопје некако плашливо, бргу-бргу! Сонцето дури приквечер пристига во Топаана. Него го донесуваат на сто раце најпреморените Топаанчани. Силни, мускулести се рацете на топаанските амали – најсилни се у Бајрам Бедрија. Секоја приквечерина овие раце, оваа сила лебоносна, сонценосна, маѓосно десет мразулци во десет пролетни младици претвора! И тогаш песна вивнува, песна циганска, најнеповторлива, најбистра. И дворец широк станува тесното, лемно плитарско одајче. – Нашата среќа се нашите раце, нашите раце се нашиот леб и вино, – пеат циганите. III Од она ќоше на нашиот плоштад, каде што џагорливите Топаанчани севезден опчекуваат туѓи тежини, скокна наврапито во едно студно утро кое улиците ги прекри со поледица младиот амал Бајрам Бедрија, бројката 202! Скокна во пресрет на една тежина лесна, лесна, та лебоносна. АПОТЕОЗА НА ДЕЛНИКОТ Сè уште не знам што сè не ми изнарекле оние, наречницине, на треќата вечер! Не знам едноставно ни која вештерка срцето ми го изела! Ниту пак: кој ли ѓавол го зел долгорочно под наем! Напати само, самозаљубенички, ко некој најбрат на штркоцвеќето, в некакви свои песни се занесувам и тогаш толку точно знам дека во душата нешто олеснува, олеснува... МОРНИЧАВ МОНОЛОГ „U svakoj smo pjesmi počeli vlastiti grob kopati... “ M. Krleća: Tućaljka nad mrtvim tijelom A.G.Matoša I Галоп од часови преку пустелија ноќ и јазли чувства кутри и никој да ги разврзе! Проклети Rielkes Gedichten и вие Poe’s songs и она сè што велат било вино! И по ѓаволите оваа делнична ноќ до здобола болувана во злодоба! Сè што се рекло сè било сал немеење, крвава бол од недорек, грчевито пелтечење, колку ли кажуваш песно зачната во смеење, родена за самеење и стотно прекорување. Не: витос се витосала, не: пепел се пеплосала, најродна да би се вивнала, црна покајнице, лико на најнем покајник, севезден наоѓан по саноќ ненајден, туѓ и за тебе најутехо малкузборна! Та, нели сам ми те нареков: олеснина, лесо на години веселост, клицо на црн проклетилак, зар да те раѓам за да ме јадеш и да ме дојадеш, ти, ненаситко изестлива, чумава закачко, ти, да би не била, о небило, страсна јаловице, осињак несреќа, бавча чемерика, вир немир, на неизбежноста прва дефиниција. Кој треба да си замине? Кој треба да се жртвува? Еден да биде спасен? Ти или јас? II Оловен свод и јалов потег кон спокојство, ненужен немир и илјадна желба за смирување, нечиста крв и недефинирана страст и грдо огледало ангажирано за секојдневно непрепознавање, улица безобѕирна и лица толку непотребни и полна чаша измама... Мамурно будење, бладежен несон, боговски бол! III Ме клука оваа ноќ ко птица клукај-срце, со клун на некој кобник што в злодоба до сто бола здоболува. Морничава студенина ко јанѕа јаде, песна се нема при рака, нема ни љубов на дофат! Малку се минало, кој знае колку останало! О, по ѓаволите оваа пребрза ноќ, оваа делнична ноќ без повеј разбибол, оваа нереспектувана ноќ одбрана за бессоница, оваа полудувачка ноќ што прилега по тежина на најприбраната неодлука – ноќ страв во коските што вгнездува и те полазува ко морница стоножица, о, ноќ без соништа, проспект од болови и крикови, о, света, свидна ноќ, голема до најголема, жестока оти мразотијата, безочна оти голотијата на душата, ја пружа како долништата по градските балкони – ноќ со отпуштени узди јури во галоп преколнувајќи си ја краткотрајноста! МАЛОДУШЕН МОНОЛОГ Од страстите бегајќи, повеќе блиски станавме животу драг, каков си – таков си: пожелен, нужен! Кален ли! Жален ли! Трепериме над тебе И убав си ни колку да си ни секојдневна занимавка, Зашто од здодевност може и да те замрази човек! Имало сепак и зошто да ти се порадуваме: Срце ни подари до десет љубови што збира, Раце ни разластари до десет мечти што посегаат И глас ни распеа што не знае за стивнувачка! Туку, скраја од страстите, од тој лут, најлут алкохол, Што само лековерните И само безволевите го пијат, Зашто ќе треба безразложно да не разликувам дека Едно е убава а друго добра жена, Едно е умот у човека а друго срцето негово, Едно е да си непокорник, сосема друго злосторник! Не, не зборувајте ми за страстите, Тие се власт над власта Во непризнаената држава на нашето бессилие. ОЧИ Има очи бистри, има очи матни, има очи црни, има очи сини, има очи теснотија и очи широчини, има очи сиви, има очи празни, има очи мудри, има очи мразни, има очи тажни, има очи лажни, има очи презир, има очи пцости, има очи добрина и очи злости, има очи камшик, очи шлаканица, има очи навреда, очи плуканица, има очи бакнеж, очи милување, има очи копнеж, очи сонување, има очи одбивни и очи привлекување, очи што прекоруваат, очи што пресекуваат, очи што почудуваат, очи што изгоруваат, очи зад темни очила и очила пред темни очи, очи безочни, очи бездушни, очи безгрижни, очи со подочници, очи без наочници, очи на злосторник, очи на невин, очи на непокорник, очи на предавник, очи на трчилаж, очи на питач, очи на стражар, очи на сокол, очи на кобра, очи на був, очи на терзија, очи на трговец, очи на иследник, очи на татко, очи на учител, очи на лекар, очи на убиен, очи на навреден, очи на среќен, очи со павлага, очи без поглед, очи – очигледно тагување, очи – очебијно радување, очи – азбука, очи – книга, очи – проѕирка в душата, очи – официјални претставници на чувствата, очи – огледало на мислата, очи – очовечување, очи – расчовечување, очи – од порок троа, очи – од чесност троа, има најодзади очи што значат само тоа: обични потребни секојдневни очи! ДЕЛНИЧНО БУДЕЊЕ НА ГРАДОТ Наутро, катаутро, вријавец по улиците, се запоточува река од луѓе, отспани, недоспани, зловолни, шеговити, гладни, појадени, намирисани, небричени, добродушни, немиени, потстрижани, болни, куци, мамурни, брзоплети, тажни, кашличави, песнопојци, доодени, па, исчезнуваат како во тло песокливо бргу-бргу некаде помеѓу 6-те и 8-те часот. Почнува делникот еднолично и ненаметливо како најпозната но сепак пријатна мелодија! Секој кон своето: Пожарникари, милиционери, гинеколози, свештеници, семкаџии, келнери, улични метачи, народни пратеници, студенти, инкасанти, столари, продавачи, ѕидари, софисти, спортисти, адвентисти, мизантропи, крадци, писатели, медиокритети, нарциси, хипокрити, филистри, дрдорковци, шмеќари, доброволни дарители на крв и латентни убијци, есеисти, голмани, композитори, неротки, сифилисти, филателисти, конјунктуристи, кондуктери, филателисти, судии, дреари, прекупчии, еквилибристи, директори, вратари, телефонисти, секој ден тие па тие, секој ден тие па тие, – едни та исти, – едни та исти! АПОТЕОЗА НА ДЕЛНИКОТ „Денес сум помлад за една песна“ Штом ми залутаат мечтите во недопадливи апсурди, се враќам повторно во вревата на делникот, во таа најсовршена квадратура на маѓепсаниот круг, во таа превосходна формула на неопходноста, и пак е ден ко катаден и пак посегнувам кон залче спокој и грст чудеснина! Втренчени еден во друг напорки се гледаме двајца со делникот, без да се мразиме, туку едноставно како да ни недостига троа доверба, зашто за љубов бездруго сеуште има време. Наспроти делникот простум застанале моите години немирни, палави, луди, па, божем некому со мудра смиреност му велат: што било-било, што станало-станало, материја сме а на светот ништо не се губи! Во гравитационото поле на делникот лунѕам, вон него не се може кога се нема крила за лет кон возбудите на пркосот, немам ни сила за еден таков икарски обид, и си се прпелкам помешечки во правта на безизлезот со закоренето до болка судбинско неризикување... Слава на делникот, слава најголема! Слава на најтолерантните окови, на злодобрината без која не се може, слава на неограничената ограниченост, на делникот мултум нон мулта! Или во делникот или вон делникот. Трет излез нема! Слава на делникот што нема друго име освен: шестоимено длабоко бездно: освен: пат до подвиг и пат до пораз, освен: прва илузија на здогледаната среќа! делникот дел е од нас, најдрага девијација, делникот добар ден, делникот добрување, делникот двојна дневница, орден и директива, делникот добронамерност, подбив и виц, делникот платена денгуба, делникот пот и крв, делникот што нè дели на далечни и блиски, делникот шанса на добри и шанса на лоши, делникот останат без свој поет, делникот обврска за да се живее... Делникот молба и молитва на слабите, делник што предупредува но не навредува, делник од месо и крв, од лук и вода, делник од збор, од сосипувачка на здравјето, делникот натпревар на итрините и знаме на тоталните концепции на живеењето, делник без привилегии, без регрес, без дотации, делник без норми, без квадратни метри комисиски премерени, без аршини, без вишок, делник од оган и мраз, од прав и пепел, делник градилиште со ред ко в улиште, делник хармонија од нужност и законитост, делник препорака за младување и радување, делник што ќе зачовечи човештина, делник што многу дава и многу бара, делник што сите наутро на прозивка ги вика за да ги заземат своите места, делник што е понеделник а не поседелник, делник што појќе е вторник, помалку празнозборник, делник што нејќе в среда скрстени раце да гледа, делник што в четврток не станува неврток, делник што значи в петок ленински леток, делник што дури в сабота најдува доста работа, делник што стимулира триж да сме подобри и ти и тој и јас, делник од оган и делник од мраз... За таков делник здравица кревам, прв давам глас, слава на делникот, слава на сите негови дооформувачи од ред, слава на оној што ќе му стане доброволен поет! БУКВИ И „Б“ и „О“ и „Л“ во БОЛ, два консонанта, еден вокал, се оној тон во познат мол црн звук на стихов што му дал. И „Б“ и „О“ и „Г“ во БОГ, се збир што не знам да го зберам. Кога на овој најпрост слог ќе смогнам да му најдам мера? И „Б“ и „О“ и „Ј“ во БОЈ, се само букви три што зборат дека низ сиот живот свој сум должен да се борам. 4 МАЈ 1903 Така му било пишано: гробот да си го сони! В срце го клукна прокоба стегајќи в гнет тупаница. Имаш ли доволно гробје, ој Македонијо, покрвава за уште една рана: Баница! Побогати сме сега со уште една смрт и пресен гроб. Таго ле неисплакана, остани горда и недоустена, разгрни пазуви црни, земјо, извалкана, запустена, за да го прегрнеш сина си што беше најмалу роб. Плачот му прилега на оној што има солзи доста. Ти, бессолзна немошнице преголтни најгорчлив јад и биди уште за една загуба погорда, оти тој левент млад на твојте чеда им завешта в бој да умираат и простум. Црна зацрни се таголика страдалнице, прегризи усти, расчешлај коси, раскини руба, и смирено, со зборови најгалежни и жални, тивко, по мајчински, оплакувај си ја загубата. Друга смрт таква ти не ќе дочекаш скоро, на таков свој заљубеник што само тебе те имал. Ој, неразвенчана Гоцева изгоро, ој, Македонијо, ој, рано многуимена! ПЕСНАТА ШТО ТРЕБА ДА ЈА НАПИШАМ (Ars poetica или Mea culpa) ДЕЛ ПРВ Привлечна треба мојата песна да биде, за да се чуе до кај не се слуша, за да се види до кај не се гледа, сито и решето од вистини и лаги и од сè што може да се потшепне, прозборне, гукне, што може да се продрдори, промрмори на цела уста, пола уста, под нос, зад грб, итн. Привлечна треба мојата песна да биде, со троа смев, па троа гнев, па троа грев, да биде песна-плесница, песна олесница. Привлечна толку што да £ заблазуваат писателите, и да ја преиздаваат издателите, па штом ја слушнат неразделно да ја гушнат и слушателите, па штом ја прочитаат до умора да ја препрочитуваат и читателите, луѓето да ја учат наизуст, да £ негодуваат, да ја псуваат, да ја преведуваат, на улици јавно да се рецитира, попозната да биде од најпознатиот вита-крем, па, дури за неа лично да се интересира и првиот секретар на еС-Ка-еМ! И дури да ми подарат букет од рози самите критици официози! Што треба таа песна да содржи во себе? Многу проценти сегашнина, многу промили од едно становито ЈАС, стотина корави зборови, ненаместени, делнични, горчливи, гомарни, топли, нежни, благи, за овој ден, за овој свет, – та, нели на секој поет, покрај дарбата да плете чудесни зборови, му треба да земе отворено да збори и да ги сака и да ги кори и лагите и вистините на ова наше време! И да сме начисто: таквата песна општеството и добро ако ја плати трижтолку таа нему ќе смогне да му врати! ДЕЛ ВТОР Ако си тргнал да стануваш поет, бездруго треба да ги знаеш сите зла по име и доброто да не ти биде заматен поим – Ако си тргнал да стануваш поет затри го во себе трчилажот панаѓурски што голта зборови место оган – Ако си тргнал да стануваш поет, раскажи им на луѓето колкумина денеска со политика место со мотика си градат имоти и среќа – Ако си тргнал да стануваш поет, раскажи им на луѓето колкумина денеска со шепот место со пот успеваат во животот – Ако си тргнал да стануваш поет, научи се да не премолчуваш, научи се како се бдее додека спијат другите и врз екранот на нивните лошорежирани соништа дај, загледај се љубопитно, разбирај, узнавај, колкумина добрини сонуваат, колкумина само си починуваат меѓу две грубости, меѓу две убиства, меѓу две кражби, меѓу две злоби, меѓу две сопки, меѓу две навреди, – Ако си тргнал да стануваш поет, катаден почнувај и недокрајчувај песна за грешните, за полугрешните, за многугрешните, за смешните и безутешните, за сите оние што го немаат седмото сетило на снаоѓањето, за сите оние што се невични да станат лактооди, за сите оние со ниски плати и доста среќа за десет дни во месецот, за сите оние локални Тартифи, за секој маалски Јаго, за сите оние муцки деноноќно што се валкаат талкајќи што-годе за кој-годе! Ако си тргнал да стануваш поет, крстот под мишка и молкома, (со право на избор за брзо или бавно приближување) и молкома кон своето распјатие! МАКЕДОНСКИ МОНОЛОГ В крвта ни остана едно недоречување, ропско, македонско и зошто не: наметнато! И требат тони грижи на појќе поколенија за да се истријат тие петна на срам од себеси, од себепремолчување. Не знам дали сум јасен, Родино, но сета дарба што ја носам и за себе ја викам најобично несокривање на мислите, ќе Ти ја завештам во трајна своина, оти нам ќе ни бидат недоволни нашите години за да Те дотераме како милноина и како наш протеј да Те осмислиме. Самите се нарековме тоа што сме, самите в часот зол и ќе се преброиме – но, пуста таго ле, смев до смев па грев до грев: одвеќе стоиме! И ако така уште постоиме, не ќе постоиме! Кои ли бевме? Кои сме? Од кај ли дојдовме? Кого ли турнавме, кого ли качивме на престол? И дали не ни е нужен некојси дедо Фројд за да ги одгатне нашите нејасни гестови? Толку се страхувам, некоја јанѕа ме јаде да не би одново да Те раздадеме! Толку го демне срцево голомразица да не би Те запретаме во фрази, па, како сите умници на светот што саможивништвото за вјерују го прифатија, да се извикаме гордо и клето: Ubi bene ibi patria! ФУСНОТА БЕЗ ПОВОД Ги оставивме мускулите на село, ги оставивме легендите, ливадите, лошините, зареците, клетвите, благословиите, дотековме како пролетен порој – одненадеж, за да му станеме квасец на градот, за да му станеме озон на градот, за да му станеме фермент на градот, за да го помакедончиме Скопје – Ој, Македонијо, малодушна и кибарна, кај ти е без нас алот! Дотековме во град по весници, по струја, по телевизори, по стадиони, по кина, по бањи домашни, по чисти клозети, по тротоари, дојдовме за да дринчиме секој први пред благајните, дотековме, дотрчавме, доклинкавме, – Ој, Македонијо, кај ти е без нас алот! Ој, Македонијо, градска и социјалистичка, натема ти го селото обескозено, обезлуѓено, како по чума поморија, Ој, Македонијо, со пет епископи и илјада икони испокрадени, Ој, Македонијо со сојузни министри и судбина на периферија, Ој, Македонијо, со јоги душеци, со терени за скијање, со пленуми, со црква автокефална, со тела самоуправни, со штедни книшки, со приватни земјоделци, со коли половни, со сметки девизни, со дефицитарно осигурување, со први домати во Републиката, со четиринаесет академици, со безброј политичари, со евтин зеленчук, со таан-алва, со голем број дипломи и со ниски плати, со две затворени граници, со трета хипокритска и четврта замислена, – Ој, Македонијо, на конкурси и конгреси, на два Илиндена и филмови нетитлувани на македонски, – Ој, Македонијо, пленумска, синдикална, од лани уште синодална, автокефална, колку ќе биде платен тутунот годинава? Колку кредит ќе ветат банките? Колку ли уште приватни крчми ќе отвориме? Колку девии надвор ќе депонираме? Ој, Македонијо, со голем број неписмени, со академија на науките и уметностите, со беспрекорна грижа за народностите, со мал тираж на весници, со многу пензии, колку навистина ќе биде платен тутунот? Ој, Македонијо, кај ти се селата мијачки? Кај се Помаците? Кај се ветросаа? Кај се Егејците? Кај се витосаа? Ој, Македонијо, распослана од Узбекистан до Анадолија, Канада и Австралија, од Балтик до Карпатите, до немај-каде, до глувчина дупка, до канцелариите на бирократите. Ој, Македонијо, не пати за Патакос, многушто уште ќе доживееме! Ој, Македонијо, пушти го родот нека се растура небаре семето Хамово, небаре проколнатици. Живите треба да живеат, мртвите ќе починуваат а безработните ќе трагаат по работа. Ој, Македонијо, науми почит кон мртвите, збери ги коските на своите заљубеници, коските Мисирковите, коските Цепенковите, коските Ѓорче Петровите, прибери ги во Скопје, покрај Гоцевите, покрај најсветите, и крени крај нив паметник на неродениот Македонец – Ој, Македонијо – колку ли уште ни треба за да те домакедончиме! РАЗМИСЛА Ко залак леб и голтка вино ми требаат денес спокојот и мирот! Сочувај ме, ти, татковино, бидејќи денот ни е преполн вирови. Не ме закитувај со одличија, не можам таков да се сфатам – Остави, твоето величие и твоите тегоби сам да ги патам. Не сум ти верник, ниту правоверник, на лесноверните векот им мина, ако низ песни ти се доверив бев само еден од многумината коишто сеедно нешто ги мачи, како расчепкана рана стара – какво ли богатство им значиш на тие што те дробат в ситна пара? На тие сите саможивници, кои славејќи те – те забораваат, оти те сметаат за нивна кога во штедни книшки ќе те стават. Затоа тебе ти ги кажував таквите наши болештини мали – Не си ми ода, сè уште си ми тажачка земјо на недоречени идеали. Многушто в мислите уште ќе тежи, срце ќе прекопне целата да те збере – туку, знам, треба по толку премрежија таква каква што си да те разбереме. Ко залак леб и голтка вино ми требаат денес спокојот и мирот! Сочувај ме ти, татковино, бидејќи денот ни е преполн вирови. ВАРДАР Тој си е долг секога толку, колку што еднаш се истегнал од Вруток па до Солун, и – пресекол една Македонија! Тој тече, како што си тече, лудо, полетно, полезно, плавно, здодевно, злогрдо, зачудувачки, тој тече алтруистички! Течам и јас, и јас сум тек, тек горкорек, тек недорек, течам и си го знам врутокот, солунот не си го знам! Јас не сум Вардар, ни завардарен, не сум превардарен, ни подвардарен, може сум варден, та недоварден, јас тек без ширина и должина! Таков сум, бидејќи нејќам на две да делам никого, дури ни Македонија – јас тек со таму вруток кај и утока. Напрајте пат да тече, молам, тој таков тек, без брегови, без корито, без дотек; Нека да тече тој што си тече како што тече, важно е да се тече – од Вардар па сè до мене! МАЛОДУШНА ПЕСНА Кога си разболен од многу сам, кога си престорен в непосегање – душата прилега на урнат храм во која штама морничава налегнала. Тогаш низ жили протрчува студ, чувствата в иглесто иње се кријат, се вее злогрдо виорот лут ко бело знаме на пустелијата. Тогаш си самик в замрачен клед, остај го немирот в жили да тече – тој уште живее и сè е лед и нема срцето ништо да рече. Како во коридор грд, долг и сив, од сите агли празнотија демне – и нигде зрачок догледлив! Пусто е! Грдо е! Душата ѕемне. Кога на малодушноста си плен и трпнеш в студ и клето сè е, кога од самотност си разболен, тогаш алкохолот дали те грее? ПЕСНИ ЗА ЖЕНАТА 1. Жената е... жената е... Бело маче годиначе, речна слатка тресопатка, вита ива миризлива, мека трева што подгрева, боцкав венец крај кладенец, мрава, сешто што преправа, кревко птиче назимниче, тивка соба во злодоба, прва љуба до разљуба, свила што се распостила, лето в сенка засолнето, глина полна сончевина, утро в сина виделина... 2. Жената е... жената е... гиздавица, жегавица, кивавица, лизгавица, лигавица, ждригавица, брадавица, државица, ракавица, секавица, плускавица, букавица, кукавица, валавица, палавица, ’рскавица, витлавица, капавица, брблавица, наздравица, и – лавица! 3. Жената е... жената е... Мома грда немаЖЕНА, мома лична премаЖЕНА, мома вредна трижмаЖЕНА, млада вдова натаЖЕНА, пресна плуска раздраЖЕНА, прва љубов разнеЖЕНА, доцна вечер поснеЖЕНА, златна лира обжеЖЕНА, злост трижклета наеЖЕНА, жед в сто грла намноЖЕНА, ѕвезда в дланки доблиЖЕНА, младост в жили раздвиЖЕНА, мајка кутра загриЖЕНА, сказна долга најслоЖЕНА, жар во искри разлоЖЕНА, желба в живот продолЖЕНА, немаштина задолЖЕНА, моќ со занес воруЖЕНА, нејаснина опкруЖЕНА, таа ЖЕНА... ЖЕНА... ЖЕНА! 4. Жената те... жената те... загледува, подгледува, надгледува, завабува, забавува, заграбува, преграбува, заслабува, доабува, настрвува, зацрвува, оветвува, расчувствува, блаженствува, тиранствува, поседува, последува, проследува, прославува, исправува, претставува, прејадува, подјадува, дојадува, подгребува, прегребува, погребува, досадува, засладува, подмладува, зацедува, прецедува, доцедува, у-ва, а-ва, е-ва, и-ва, да е жива! да е жива! МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК Се роди ти во злодоба, во мрак, за да те препознаеме ко сјаен божилак на повидок по долги векови глувотија – Се откорна ти како борбен вик на востанатиот наш бунтовник што прв ја презре ропската мирнотија! Низ тажачки се раздипли в клет збор, закремене низ корав непокор ко завет свет на тие што нè родија – Се осети ли навреден и клет, со судба горчлива на вечно прогонет. та, стана војник за слободија? Запелтечи низ тетерав ти глас, се престори во врла клетва, в небичас, како болештина од рана луто зината – Ти бигорлив, ти жуборлив, ти ромонлив, ти трепетлив, ти дарежлив, ти болежлив, ти возбудлив здив на татковината! Им остана ли недовршен грев на Миладиновци, на Џинот и на Прличев? Разнежнетост? Достоинство? Добрување? За деда Цепенко виделина низ опак век, за Мисирков брег нестигнат, грч горкорек во чинот свет на нашето зачнување! Те навредуваа и безочни и зли, ти токму тогаш се развиоре, се раскрили, накај слободата ни стана ти поткревање – Те псуваа, те одречуваа, не поверуваа дека ко рожба најмила ми те зачуваа галежно, долгите векови на поревање! На Илинден се стори секавична вест, в Крушевскиот се втисна Манифест, за Делчев сплете наниз жални песни – Во темно време бликна, чунки лач на разден што се раѓа, да стане толкувач на ден полн сонце и чудеснина! Ти, на слобдата £ стана најскап дар; Громовно гргај низ грлата на Пелистер и Шар, до кај што бијат срца што те жедуваат – Нем Егеј в ширта своја до болка ќе те смири, ќе ми те засолни ко верен јатак Пирин, да ти се изнаслушаат, да ти се нарадуваат! Липај со гурбетчиите што роден кат напуштаат, барајќи леб низ светот непознат, од пустине Америки до припекон Австралија – биди им жолчна клетва и пцост и благослов кога ќе си го задомат кај-годе животот нов, низ стара песна душата нивна разжали ја! И биди верен вардач на сиот народ наш, на молитва татковинска да прилегаш, за да се смири правта на сите што те сакале – Ти – бакнеж, брчка, благослов и бол, ти – преграб страстен, ти – најлуд алкохол, ти – воздишко низ која првпат сме заплакале! ЗАПИС ОД АТИНА „Боговите биле поубави од луѓето, биле повисоки, постасити, лични, биле хармонија на тело и на душа, права мера на еден идеал за човекот“... и така збор по збор, одмерено и привлечно раскажува занесено со убав јазик чичеронето низ еден од атинските музеи... Април е! Веќе запитомен пејзаж ја поддотерал Елада. Како синтетичка материја од вкусна, сина боја, небото им се нуди на очите, без бучен посредник; сонцето однадвор мами, тука е малку ко мемливо, цела историја згушена во витрини, најскапи експонати, со многу пазачи, ревносни, строги, заради платата, и уште заради чувството дека и тие се Елини. Пред мене девојка, до неа уште една, две млади девојки – секако полни љубопитство, (можеби и хоби кон пластичните уметности) стојат пред Аполон, сочуван в мрамор камен, за да го слави толку векови времето на Фидија. Очите сведок се: едната гушка камен! Очите сведок се: десетте прсти како £ полазија по лицето тврдо и немо, по лицето на идеалот женски, по неговите рамења и раце, по сета таа анатомија на најпрв убавец, што само сонот може да го доближи до допирот на жената, до тој што освен в камен не постои во облик друг – Очите сведок се: пазачот скокна ко рис, здивен и грубо ги турна страсните раце на занесената девојка, ко што би турнале одбивно случаен допир врз пресна плуска, и плусна крештав гнев и зборови недоизмерени и бескрајно чиниш повтарање: Забрането! Забрането! Забрането е да се гиба! Кога се стивна тој вревлив порој зборови што потече грмовито од педантната ливреја – спокоен глас што со смиреноста си упрекнува рече, не толку гласно: „Јас слепа сум, господине, простете ми!“ И одмина низ својот мрак во кого предмалку ги откри тајните на Фидија низ погледот на своите десет прсти. КОЖЛЕ (I) (Зграгореност пред грда глетка) Ни трага од шепот низ зелените ширини ни трага од допир на раче детско што ќе ги разискри бистрите очи на качунката ни прпот на потплашените птици од грмушките напролет што ја параат синевината Ни трага од довикувања зад плотовите ни двојанки раштркани низ полето ни жетвари ко божји бубалки што како бели гасеници ги полазуваат нивите лете под припек-сонцето со гладни српови Ни трага од доволниците со полни грски плодови што вреват покрај амбарите и со волшебствата на златниот бериќет ги топат душите ги полнат устите ги искрат очите есенум кога маглите ги догризуваат стрништата Ни трага од ставите на стебла бојлии што простумат крајсело за да те подзасолнат од лутиот апеж на ветриштата што како гладна глутница волци са зима ридјето ти го претрчуваат И уште малку и уште малку и уште малку ни трага од речта нашинска со која овдека векови биле векувани КОЖЛЕ (II) (Прво подизлегување од болот) Како да ти се вратам Колку да ти се подарам најдрага вистино за грев неискајан врзан со бегството на твоите потплашени и дребни саможивници предвреме што ми те одљубиле? Да те распостелам во топлото легло на душата ти ќе ми простиш ли за стравот на дедовците што ти го свртеле грбот и во уплав да не би да ги разнежиш ако уште еднаш те видат ми те оставиле недолжно да сиракуваш изѕемнато на луњи и на фортуни сам-самотно во скрките Ти вечна вододелницо на мечтите три течења што растураш крај себе на Пчиња и на Вардар и на крвта наша три врвици што разделуваш три полета што раскрилуваш три пороја што притивнуваш двата запрусани прудолу низ спилите што вјасаат да се засолунат едниот занесен пругоре вратен да го разбистри матниот вир на Скопје – Амајлио сочинета од тајни завети на крвта цвету неовенат на мојот род мирис што шириш за три колена цвету закоренет во времето во надрочените леи на љубовта пушките на слободоносците што им ги китеше низ два Илиндена најлично сепостоење во грда рамка дамко во душите на предвреме отпуштените твои и нетвои чеда и внуци како ли да ти се вратам кога ли да ти се вратам колку ли да ти вратам? СВЕТА ГОРА (Сентиментален запис) Добро е сега што сме тука можеби и ние да сме добри добро е сепак што овојпат пристигнавме во ова Н е к о г а! Еве нè непристорени крај еден несекнат вруток од кај се распоточиле вековите како бликотници од свежини и светлини – добро е што ја гаснеме барем жедта со големи голтки – добра е таа причина и уште дважтолку потреба од ова нестрпливо нуркање во водиве чисти до пречисти во зеленилото бујно до сечујно во небово златно та дофатно во мисливе што самите си се отклучуваат а потоа разголени раскрилени небаре ретките овдешни птици преплашено што ни го откриваат одот се растрчуваат пред нас како непривлеклив плен! Што да ни каже раскаже оваа овдешна б и д у в а ч к а? Рекла што имала да рече зар умее уште да се доречува па затоа нека да не ја ни подречуваме со реч каквагодер! Црвените срца на кактусите и таинствениот пулс на храмовите можеби истиот вкус го кријат вкусот на неоткриеното и непробаното вкусот на негибнатото и сепак нешто несфатливо ни се провира меѓу сетилата и претчувствата меѓу восхитот и ништоверството и ние купувачи на чуда и разграбувачи на чуда зачудено и подзамислено помеѓу двата ѕида на питомината и на дивината минуваме и немееме минуваме и немееме! Векувај си под тоа проѕирно стаклено ѕвоно на времето стотувај и илјадувај заклучена од јужните ветрови морето што ти го ежават и мазнат векувај си како поразена иднина и како незакопано минато што не им се предава тукутака на завистливите и лоши очи на семожните прекупчии на убавината на очите на времето на кое ние сме му доделени да му припаѓаме – зашто и ние сме сити од наши чуда разни чуда ситни чуда триста чуда претрупани до неспокој и лудости и чуда несфатени наметнати прифатени што нè обгрлиле присвоиле притиснале – Заморени од толку многу толкувања на тоа наше и денешно и многу сè зашто ли да го гибаме сè она толку некогашност зошто во тишина да не поминеме и уште потивко да не си заминеме и како многу друго како многу друго да те преболиме! НА ВОДИЦИ ВО ОХРИД 1973-та (Спроти осумдесеттиот мртовден на Прличев) Ден лут ден сув ден грд и одбивен најстуден ден во еден остинат век ден голомразица во векот голомразица глувее во самотијата на просторот налик на дооден премрзнатик глувее небаре немтур турнат пред туѓи порти... Се згрчил темерут денот во оној превалец од дни кога претечува коложег накај сечко и кога прилега на мразулец тој премин мразулец богојавленски што ни ги води спомените назад во потиснатите сеќавања за студовите и за бисерните води на Водици прелеани во саани со блескотни дамки од сребро и белутраци светогорски и мирис на кипровина и крст што ги обиколува вратите на христијаните... Така ќе беше и кога престана крвта да ти се шета низ жилите! Погледот немоќно се закова во таванот а здивот врз огледалото траги не остави повеќе. Занеме најпрвин јазикот на крвта потоа занеме зборот на погледот и уште занеме шепотот на безмолвните воздишки и во мангалот пепелта се наежави и по панѕурите морници мразни полазија галебите и кипарисите во уплав се подзагледаа низ една многу нема реплика. Му секна душата на еден град за недоброј години однапред полн јад преапа усти цел еден сирак народ оти сам разбра како му изгасна светлината виделото очите што му го откриваа патот низ темничиштето време. Се вовре чунки во камени скрки ведрината исчезна во непознатите далечини мудриот тек на очите со длабочина на модра река низ која пловеа визии храбрости уплави скици за идни јуначења пораки за противење изразбудени знаци на минатото формули на издржливоста завиткани народни рани недовршени реплики со опачините на лабавиот Македонец глинени калапи за бронзени ѕвона што ќе го сепнуваат духот на народот што ќе ја поткреваат вистината на нозе. Пак сме зграгорени Григоре мртов си како и тогаш – прв ден за себеси. Оние што те отпишаа предвреме од животот на раат ќе си умрат оти прв ден ќе им се насити и душата тебе што те нема. Мртов си вечен Григоре колку за троа починка од неубавините и злостите на живеачката што те изнашиба со прачките од недоразбирање мртов си дабу ми те пресекоа секирите на годините сечилата на патилата оти ги разлути луњите и виорите што вртеа ко лути пци околу твојата вишина. Мртов си Григоре пак сме зграгорени мртовец в земја мртва во време мртво приживе што те закопа што ми те положи под тешка плоча од уплав да не воскреснеш мртов си нема кој веќе белото месо на муграта да го разголува нема кој ноќта котелец по котелец да ја распарува. Те клоцна ли итрината на недостојните со насмевка византиска времето што го сакатеа? Си ги отчепија ли ушите од восокот на стравот што троа им го доварди од гласот твој од грмежот спокојот што им го нишаше ги пеплосуваше? Ете ти мудро спиеш тие се мислат будни темницата е бездона а поруганите и потсмеаните во црно облечени те жалат. Син си ѕвездалија на народ намачен како ли да те оплаче како ли да те истажи? Низ осакатени години помина Григоре грд беше мракот страшилиште и пакост жива што мрак ќе беше – пред очи не се гледаше казна ли божја беше неправдина ли фати та да не можеме векови цели да се здогледаме? Солзи и плачови жалби и жртви пранги и зандани силата уште за малку да ни се доцеди! Вечна ти памет Григоре што нè благослови со Кузмана и што го предрече Гоцевото доаѓање. Господе од кај ли толку чистота на идеалите во малкуте вас од каде толку брзаци во крвта ваша кон огновите на слободата што ве поведоа? Ѕвезда си му на небово наше престорена во плодна прав што паѓа и што ја храни грутката татковинска кога ќе се доиспости и овој народ што секогаш живеел како народ на мртвите и неродените... СНЕУБАВЕН ДЕН 1. Има матни има грди има долги тешки зори кога душата се траќа кога неспокој ја мори кога паѓа ко павлага врз очите темничиште и те цеди лоша мисла – пијавица в мочуриште На душата камарките заклучена тајна таат на срцето дамарите деноноќно уплав ткаат се чуло ли да се чуе се рекло ли да се рече има светот јад да види има в пекол да се пече Незнаена болка гризе невидлива рана клука во тајните агли стравот ко ајдучиште се сука девет педи слепота е девет сажни глупоста е длабок мрак е извикај се да се знае да се знае Самоубиец е веков наш што грешник сам се рекол натемате устрел фаќај та онака сè е пекол смртта како чума вјаса долг да збере чуј се гласи со леден и пискав кикот молчи душо голема си Нека ми те парчосаат нека дел по дел те сечат нека сонот ти го секнат нека чини кој што сака Нека гмечат нека печат најпогана реч да речат сме знаеле што е радост ќе знаеме што е мака Стивни душо истрај срце да е најзло па ќе мине од искони било така сè родено што е гине каменот сал безгрешен е затоа тој толку тежи ниту возбуда го тресе ниту премрежје го мрежи 2. Снеубавен ден недоречен час снеубавен ден неразгатнат миг снеубавен ден најгрд небичас снеубавен ден избезумен крик Снеубавен ден изнеможен ден недоветен сметен неразведрен грд непрепознат ден и обезвкусен сеништа што мрести и што вести смрт Снеубавен ден долг бладежен сон НАШИНСКА Да ни е да сме доста Колку за да се разбистри небото над Бистрине, Корабине – Да ни е да сме доволно колку за да се довардиме покрај Вардарине и Струмине – Да ни е да сме мерата Колку да се прелееме од колено во колено до кај истрајвекот – Малцичка сме ли ете па што малцичка божем а веќе со векови по стопати по севезден нè пребројуваат Но ние сме како што сте како што се и покрај сè и покрај сè колку сме толку сме токму сме! НИЗ ЕДЕН ДЕН НА КОЛОЖЕГ 1969-та... Зарем дојдов та слегов и влегов во мракот за да го откопам од една утроба прашањето за смислата на љубовта? А потем морен и малкузборен излегов за да вкусам од сонцето што откосо им се раздаваше на сребрените белини. Како да носев сон! Не сон а спомен по една утроба раскопана до сломеност во потрага по разгатката кај ли е љубовта? Утрото подзамрзнато се капе во шум од забрзани стапки. Утрото распостила студенина од која луѓето замислено се кријат во огромните кртичини на метрото во тие топли тунели на потребата да се стигне до некаде до секаде до таму кадешто времето се осмислува во разумната расоределба на постоењето. А воздухот до болка што се лепи по лицето како да бега подгонет од сребрените иглички на студот кого што сонцето им го покажува на очите како предупредување дека е јануари. А денот протекува со истата забрзаност на шум од стапки на она звучно крцкање на снегот на она офкање на зимата што прилега на јачкање на престарен и сит од дни човек. Го влечам своето немо присуство по таа огромна бучава од трамваи тролеи автомобили додека денот тече тече – од блескотните извори на утрото до темните утоки на вечерта тече покрај бреговите од недоброј човечки грижи и неотклучени интими тече неизменливо покрај најтврди капки од факти покрај суровите стебла на устојувањето можностите недореченостите тече исчезнувајќи зад врати витрини лифтови скалила возови бакнежи зборови ракувања – Се мрестат во свеста неспокојства... И влегувам пак (влези-излези чинам) а знам само дека влегов во својата облека излегувајќи од самотијата на собните квадрати со здодевни предмети и книги (излитени мудрувања) Се изначитав за до пролет и му одам во пресрет на недоживеаното исцрпен од здодевната едноличност на нејасноста: овојпат кому ли навистина сум му нужен? Празничен далтонизам – слепило за светден (која ли боја има овој ден?) неотворен цалендар од емоции и илузии со непознати дати во кои сетилата најдобро не се снашле. Замрсено претчувство прегазени понеделници и вторници среди и средини четвртоци и петоци петици и потпетици расфрлани саботи и недели издавени во вино. Смирено ткаење на бескрајна самотија анонимна истоветност на изгубените денови неизбројани ненаредени расфрлени исфрлени небаре прецутени китки трендафили А ми се допаѓа вкусот на претпладнето и претпладневниот воздух пак ми ги менува желбите – жлезди за возбуда речиси немам но имам остатоци од непристореност одвишоци од отвореност и купишта непотрошени детски љубопитства. И ете – пак се вратив откривајќи во себе претчувство дека ќе паѓа снег... Така си влегував и така си излегував во еден и ист ден на коложег 1969-та година. НАРОДНА На Загорка Бигор да се збигоросаш Пепел да се спепелосаш Ветрот џенем да те прати Во најглуви неповрати ничкум паѓам догорувам сè што реков повторувам Љубов моја љубов никни Љубов моја љубов бликни Камен да те закаменат Пламен ќе те распламенам – Здив во мојте песни ти си Никулец на немири си Простум стојам опчекувам Век во веков да векувам Љубов моја љубов расни Везден гори и не гасни Облак да те наоблачат ќе те цедам ќе те лачам од бескрајот како капка пустинска сум жедна длапка што те пека што те чека едно сто до двесте века Љубов моја наврни се или црна зацрни се Река да те призаречат брег најпрв јас ќе се речам да ме галат твојте води Брзај влечи мини оди белутрак сум в тебе свалкан валкан талкан недоталкан Љубов моја бујнотечна утока сум твоја вечна. ПЕСНА ЗА ЗАГОРКА Зага е загатка Зага е гатка делнична прегратка празнична пратка Загорка најгорка кога е слатка недоод врвица низ ноќта кратка мирисна зрела бадемова јатка бездонен вир со поврвнина глатка птица назимница – тресопатка јаболка красатка Незвалова Свратка интимна тетратка за неодгатка палава плашица в бран што се матка на убавината најбрза вратка една у мајка и една у татка Загорка загатка Загорка гатка! НЕВА Нева се тегне мрзливо, чиниш знае дека е морето близу и стрпливо ја чека. Врвеж е тоа на влечко со векови што трае. Зиме зимурливо се ежави и пека студот да ја докочани, та свечено да се престори во излог на многушто недоречено. ЕПИТАФ Палавеев пиев пеев Зборој сеев ветрој жнеев Најбогатник божем некој цел се раздадов на веков ПЕСНА ЗА ГЕОРГИ БОЖИКОВ Ај до кај Вихрен за да се изнамолчиме До кај планината Перунова до Ел Тепе Кој знае толку тврдо ко Пирин да молчи Да молчи и да чека да молчи и да штрека И овдека волшепствата останале За да ги примамуваат сал најбестрашните Деј гиди Ирин – Пирин планино Деј гиди очају разгорен пламену Трај немеј молчи додека се додржува Сетики еднаш вапцаровски ќе се вивне – Ај до кај Вихрен за да се изнамолчиме! Ај до кај Олимп за да се изнамолиме Оти од таму е најблизу до бога – Долу е Егеј горе Небесата Ние самотии клекнати смерно чунки безумници мегданџии со бурите Ветришта ледени нека нè испошибаат Нека се вкочанат лицата нека се стврднат Кога сме веќе тука нека да здоболи – Ај до кај Олимп за да се изнамолиме! Ај до кај Грамос за да се изнаплачеме Оти сме таму најблиску до спомените За едно проклето највчерашно крвавење Може ќе газиме по черепи по фишеци Згмечени матарки (жедта кај војувачите Е вечна) гнили кундаци цевки Што сјаеле и оган ригале а сега Во обрачот на ’рѓата умираат По цвеќе што никнало зад некој последен шепот По карпи што скамениле некој претсмртен крик И света прав од Грци и Македонци Од војници и комунисти измешана Со јаловоста на планинските ветрови – Ај до кај Грамос за да се изнаплачеме! Ај до кај Шара за да се изнавикаме Овдека барем може нашиот глас да се раздипли Да се искачиме да се извишиме Свежина да присобериме и да се испитомиме – Ај до кај Шара за да се изнавикаме! ПЕСНА ЗА ФЕРИД МУХИЌ (троа усложнета за брза разгатка) Ете тој помлад пријател мој Ете тој Ферид Мухиќ Врзан со една Ана за ова парче земја Ете баш него можете да го препознаете По тоа дека може дека многу може... Тој може велат многу нешта Тој многу може и добро е што може И дури знае дека е добро да се знае И дури има чекор долг та предолг Прескокум Македонија зар еднаш ја прерипувал Мигум до Шара часкум до Кораб Нога под нога и Бистра за едно попладне Водно останува вон ова песнозборје А сите Китки, Бигли, Бабуни и Пелистери Влегуваат во време неопходно само толку Додека некои наши си ги допијат мастиките. Блазе ти земјо и добра и малечкава Ферида никако да ни го доизмориш Би скокнал тој молневито до Вичо и до Грамос И до кај шеметните височини на Самарина Туку тој барба Танас тој барба Танас Комушто Бапчор му лежи на врв од јазик Со безброј жилки што шмукаат од срцето Со кого што е врзана онаа Ана Од третиот стих на оваа песна Ете тој Атанас поначесто му вели: Фериде чедо ти не одиш ти леташ И имаш чекор исполински и предолг И кралимарковски краци чунки Та меѓусебно се наттрчувате со времето Се наттрчувате и чинам се васате Па сепак чедо слушни ме троа од троа И земи ми за вера ако ти чини – Песната може побрзо да граба од сè Низ далечините и низ часовите. Еве да речеме од мене Та до кај она гламјосано село под Вичо Над кое уште оние две орлиња се вијат Ние со песна и со грнета си се довикуваме И кога ќе се втренчам и ќе се задумам Небаре да се надгласуваме со звуците Започнати да клокотат од детството од таму И често овде во Скопје ги заушувам... Но Ферид како фер и таканатаму Не оти вели дека не е така и молкома Потпевнува за двете орлиња И во себе преповтара: Кога ќе посака душата Вичо да го помилува Нека да повели и низ звуците на песната Но кога ќе посака и снагата Нозете троа да ја прорасшетаат Во ден до два па дури и до кај три Ќе смогне белки и до таму до кај Грамос Важно е дека се може и богами Не е ни малку тоа да се може. ИСПОВЕД 1979 или: ПЕСНА ЗА ФЛОРИКА САМАРИНА ЖЕНАТА ШТО МЕ ПОДАРИ НА ОВОЈ СВЕТ Мајко моја кутра моја Ме пронижа збор отровен Го испука го исплука Некој близок некој брат Не е редно да се крикне Не прилега да се викне Треба да се смогнат сили Јадот да се преголтне Лошо ми е до најлошо Отворена пече рана штрека грда болештина како душа растргана Клеветнички колвајдуши Ко пци лути залајале Да ги клоцнам клоцнати се Да ги сопнам чинам грев Па ти горам така в препал Па ти голтам болка жешка – Меѓу такви ден да дениш Ми ти било многу тешко. ЧЕКАЈЌИ ЈА МЕДЕЈА Престорени сме ти во самоизмама – А кој ли стори кој ли стори Душата да ни се разгори Та да си гори без да догори И да нè изгори – Плапотлив пламену жестока обвино Како ли повторно до кај до младоста? Или пак: како до кај последното распаќе Кај што се гасне кога најповеќе се расне? Си ги развеавме ли деновите Од пролет до пролет од жена до жена? Колку ли години растрчани накај недопреното До кај ли сè до кај ли сè не се повте До која ли сè порта – небаре малечки питачи што ги приучуваат да пружаат раце Кон сите облици на милоста – Не запревме и не потропавме? Со колку ли грошеви и лепти и петачиња На убавината не се збогативме? И се престоривме во самоизмама како сопственици на голем имот минатото во којшто жешкото злато на младоста мирува притивнато во конвертибилата на сеќавањата и – си ја чекаме Медеја За да нè врати кон нови прелаги... СТО ЗБОРА А САМО ЕДНА ПЕСНА Тука(1) е(2) до(3) нас(4) пролетта(5) Но(6) тоа(7) сè uште(8) ништо(9) не(10) менува(11) Ништо(12) не(13) почнало(14) за(15) да(16) се(17) Сети(18) промена(19) и(20) во(21) законите(22) На(23) адаптивното(24) однесување(25) само(26) што(27) Троа(28) сме(29) кревки(30) рскавични(31) Кожата(32) регистрира(33) надворешни(34) сензации(35) Ненадејно(36) по(37) некој(38) ѓаволштилак(39) Ќе(40) нè(41) сепне(42) и(43) троа(44) подисплашени(45) Да(46) не(47) би(48) крвта(49) да(50) преврие(51) Го(52) поткреваме(53) капачето(54) На(55) стрпливоста(56) и(57) избива(58) пареа(59) Како(60) облаче(61) обоено(62) од(63) триста(64) Улави(65) желби(66) и(67) жеднеење(68) фатени(69) В(70) стапица(71) во(72) испоганетите(73) води(74) На(75) големите(76) реки(77) Синиот(78) мрамор(79) на(80) небото(81) немее(82) Колебањата(83) ги(84) поткусува(85) Српот(86) на(87) решеноста(88) небаре(89) куси(90) јачмен(91) Куршумот(92) на(93) очите(94) ги(95) прострелува(96) И(97) урива(98) сомневањата(99) Толку(100). ГОРДА ПЕСНА И гол и горд И уште погол уште погорд И дури најгол и дури најгорд Од голорек до гордорек И гол и горд И уште по и уште нај Од гологлав до гордоглав И гол и горд И гол до по и горд до нај Од голоод до гордоод И гол и горд Од гологорд до гордогол И гол и горд Од голоок до гордоок И гол и горд И горд и гол Од голобол до гордобол ОБИЧНА ПЕСНА И бев и сум Со грска грев со грутка ум И ќе се преобидам Да видам колку ли уште ќе бидам Бидејќи бев Колку на ум Толку на друм Бидејќи копнеев да видам Кон каде идам Со товар гнев Со порој шум – И најодзади Низ горчлив смев Низ едвај здив Преповторив: Сум бил и уште сум И уште верувам ќе бидам Не потајум Не молчешкум Туку Низ оној голем грев Сеприфатлив Бидејќи живеев Живот на вистински жив. ПРАШАЊА 1. Ќе нè има ли да речеме тогаш кога ќе нè нема – ако нè немаше токму тогаш кога требаше да нè има? 2. Ќе бидеме ли затоа што бевме или пак сме за да продолжиме во бидувањето? ДВЕ ИГРОЗБОРКИ 1. Ех тој Гане, ех тој Гане... Ураган е – У р а Г а н е! 2. О, Гане, Гане! О г а н е Г а н е! НАШИНСКА (III) Сè тече и сè протечува а ние одиме одиме одиме минејќи преку минливото одејќи низ недоодливото а едно густо име со многу жилки од животек слоевито и збито и деветорно се лепи милениумски врз нашите неизморени стапалки: М а к е д о н ц и ! Ем - Ма - ем - ке - ем - дон - ем - ци Ем - донци - маке - ем - кедон - маци Ем - донма - цике - ем - цима - донке вртени превртувани извртувани делени разделувани раскинувани на слогови на мани и на фили на егеи на вардари на пирини ослепени еднооки видовити кучкини синови ѓаволско соило црно семе мијаци брсјаци копановци мрваци бандовци пуливаковци икари и прометеи топовско месо гробари на својот грев и очај крадачи на сопствената вера по првпат Питу по вторпат Питу итромани дудуци лесноверци последни претплатници на слогата одиме се пореваме се исправаме се извишуваме подзастануваме продолжуваме преку кресни илиндени грамоси преку беаскули подрумкалиња черни џамии преку лепоглави сремски митровици сибири преку идризова и голиотоци одиме одиме одиме за да се доболи болливото за да се здогледа гледливото за да се доосвои најсвоето одиме одиме одиме со препал и со уплав да не би да се испогубиме низ маглата на вековите – Одиме своеглаво одиме упорито одиме прекутрупа одиме гласовито преку бришаниот простор на постоењето одејќи накај себеси нашински препознавајќи се нашински престигнувајќи се нашински издржувајќи. БИОГРАФИЈА Се родив Тоа е совршен факт Живеам доста Тоа е одвеќе непорекливо Кому му требам Секој е должен сам да знае Пречам ли некому Нека ме одмине Премногу е непожелно Да бидам одбран за враг Вражја е живеачката А јас сум нејзин факт Ќе умрам колку за доказ Дека навистина сум живеел. ЈАВНА ИСПОВЕД 1987 или: ВО ЕДНО ЗБОРОСОКРИВАЛИШТЕ СТАРОВРЕМСКИ НАРЕЧЕНО ПЕСНА „Зборовите ни се дадени за да си ги сокриваме мислите" – (Мудрец од XX век.) I. Претчувствувам дека иднината ќе се граба по моиве нововработени дактили и распенети анапести – Бев строг кон времево што беше невреме и му верував на прескок (од новина на погибел) – Располагав со огромни количества страв (народска наследна нашинска) се ежев низ хореи пред позлатата на лажните херои – Душата како растреперена харфа на ветрот звучеше гласно и растревожено – Немав верба во она што доаѓа а не се вклопува во мојот систем од загрижености вознемирености – Песната што ја ковав со чеканот на предизвикот јачеше демонски налик на јавна исповед – Немав јас друго оружје освен отвореноста па како мегдан одбирав сè според азбучен ред – Од Ахиловите болести ми беше присушто многушто па беше наједноставно да бидам нанишанет и погоден – Па така доста проживеав затоа што преживеав со толку многу страв приживе да не сум мртовец – До гуша потонат во витлите на денот со препелкав престрашено неоти очајнички грд – £ бегав често и вешто на господинката Смрт мислејќи дека немам право на брзо и безусловно предавање – Во мојот приватен устав внесов куражна клаузула: живеј додека си жив со сите неотпорности на племето што те искотило и што ти втиснало тенка крв бидејќи Смртта е само најобичен чин на предавство – И откако успееш во уката да даваш повеќе одошто имаш и примаш помалку одошто ти прилега смирено стуткај се во неверицата – бидејќи веќе си го нарушил редот и законот на природата а таа (нели добро знаеш) не поднесува никакви и ничии насилства – II. При здрави очи да си слеп не тоа не е толку страшно Ужас е кога при јасни зборови стануваш нем – Да гледаш сè и да се преправаш дека ништо не си видел тоа е правната основа на лојалноста и неутралноста – Но молкот но молкот зарем е нашата племенска одлика што ни ја кити крвта и ни ја насочува судбата – Со зборови ние поетите постоиме зборот нам ни е во стапалките во погледот и занесот во сите илјада сетила – Низ зборови ние се разликуваме делејќи се на: зборлести и зазборени надзборени и озборени – Болни од малкузборје моќни од многузборје се криеме во мижитатарки од зборови и гинеме врз барикадите од зборовишта – Сонуваме преобразба на зборовите посакуваме собири на здружениот збор свечени приредби на одбраниот збор подигање на нови и високи збороградби – Предлагаме изградба на зборосветилишта во кои свештенозборци ќе им угодуваат на збороверниците низ магијата на танствената зборослужба – Предлагаме изградба на депонии за збороотпадниците и зброотпадништвото казнено-поправни заводи за збороделиквентите – Предлагаме изградба на клиники амбуланти болнички блокови аа оние што доста често страдаат од збороболки – Предлагаме и изградба на породилишта за збороновороденчиња и гробишта за зборомртовци и градски селски маалски зборосоветувалишта – помалку таков повеќе ваков или пак сосема инаков човекот – тоа е зборот а може безбели и обратно – Нека ни остават да си се разликуваме преку зборови зборувајќи за разлики меѓу зборовите,бидејќи: нашите неволици – тоа се зборовите. Отпатувал во Вест Ауст за да ги домакедончува лабавите Македонци низ песни и низ игри и низ прелаги за она што е и што не е и за она што ниту било ни ќе биде. Му заѕвонив на телефон на Ж.З. (сфативте, нели, дека немам пријател на Ѓ.) за да ме пречека само на едно кафе а потем да ја погледаме Хјустоновата Честа на Прициеви. Штотуку заминал со градски автобус до Бутел за да се распраша колкумина со презиме на ски денеска се преселиле во вечноста. Попусто ѕвонам. Попусто барам. Моите драги еднокрвни браќа од А до Ш, речиси од ред (сфативте, нели, дека немам пријател на Ѓ.) моите драги експерти за правење дупка во вода сите штотуку заминале по нешто многу важно а јас а јас само јас ли останав да си се шуткам и моткам неоти безработник низ глувите улици на родниот град. Го вртам телефонот последен пат. Повеќе нема време – попладнето е потштрбнато. Си ѕвонам сам на себеси. Се поканувам да си останам дома. Воодушевено прифаќам. Ќе читам што сум напишал, ќе се препрочитувам. Можеби најодзади ќе сфатам дека сум должен, токму во некое вакво попладне, да почнам да се почитувам. МАКЕДОНЦИ Другари браќа и синови и внуци и вие дедовци и татковци доколку уште сте живи во моево кажување ќе стане збор за тајната на одот наш низ вековите и уште за тоа како ли сме се довардиле на овој свет наспроти пренагласениот дарвинизам на соседите наши, што ние напати го наречуваме лакомост и стрв. Другари браќа синови и внуци и вие дедовци и татковци доколку уште сте живи: тајната на одот наш низ вековите бездруго е во тоа што појќепати почнуваме од почеток, од нулата, па ако треба пак да започнеме од нула зошто ли не, штом веќе судбата нè клоца а пак сите стрвојади одоколу си чекаат душата наша колективна да се вознесе негде кон вечноста а тие парче по парче да нè дочеречат и да нè докрајчат. Така еднипати во себе чинам дека тие чинат како нашево постоење е само наш инат, дека сме стока за јавно наддавање неоти подајкамчиња неоти никојништовци. Сите Македонци не сме тажникави бездомници сите Македонци не сме проклети бродоломници почесто наивни но сепак никогаш нивни очајот ќе нè сложи в сила што повеќе може стига да сфатиме дека постојно треба преку она Тимео Данаос ет дона ферентес! да си се вардиме. Не ни се нужни победи нам Наше е да се издржи. ЏИНОТ (Песна прва) Јас немав олтар. Немав бог јас. Немав ни песна душа што лекува. Копнеев малку да почовекувам Со троа тромавост кон својот небичас. Жеден за живот, за борба слаб, Не одбрав право име за единствената цел И си се влечкав влечко до оној раб На денот што гласи: последна погибел. Немав свој дом. Не најдов мир. Не смогнав ни да изнајдам некој поголем грев Можеби освен оној што живеев Ко посег горд, ко незапир. ЏИНОТ ВО 1856 г. (Песна втора) Потонат во многузборје троа-од-троа се борев – броев стапки, редев рими со зборојте-побратими, како знаев така правев многу липав малку славев, троа молчев троа псував од срце се назборував, животот со стих го мерев, оган голтав рими берев, често умеев со кикот да го плиснам својот викот, загледан во минатото го препознавав сал злото вљубеник во сегашноста ја прегрнав својски пцоста копнеејќи да ме пратат негде накај иднината. Туку тие, скопјаните, бербатните души, злите, во име на својот раат во неволи ме турнаа. Многу душмани и врази в Македонско и Албанско... Најодзади в гнев ме згази соилото баздриѓанско. РАЗГАТКА НА ПРЕФИКСОТ „РАЗ“ или ПЕСНА ЗА ДИМИТАР СОЛЕВ Дури и железото ’рѓа го разјадува! Кутрите ние нежелезни... Нас дури некое „Јешчо раз“ ќе нè разјаде? Па, кога ќе си се РАЗотидеме по домовите „Секој пред прагот, пред еден дом во еден ден На денгуба и прокоба“, Ќе си ја РАЗбиваме здодевноста, Ќе си го РАЗлистуваме попладнето, И така сè И така сè до кај РАЗденот, До она утро во кое нема да нè РАЗдени! И така, едно „Јешчо раз“ зјае наместо јаз, Безбреговното РАЗ на РАЗделбата (РАЗдадени,РАЗминати, РАЗлутени). И ќе се РАЗгори пак сонце, И ќе се РАЗлути пак дожд Времето ќе си се РАЗдиплува РАЗматено, РАЗведрено, РАЗболено, И ние ќе си се РАЗ... И ние ќе си се РАЗ... местиме и честиме Според удопствата на РАЗделбата Или низ шемите на тоа проклето РАЗ... Јас Драган - РАЗдраган, Ти Диме – РАЗдимен. Напатии, така си чинам, всушност тоа и бевме: РАЗдрагани, РАЗдимени РАЗгледувачи На РАЗроката денешница, недоРАЗбрани од поРАЗумните, РАЗводнувани во денот РАЗгорен – (ни се вовираа под кожа и по Ненаселените питомини на душата Ојлевци-Дојлевци, а по нашите новомаала И буњаковци на свеста тропаа придојдени минувачи, Божјаци, клатикросна, гребидуши, пикајпрсти) – Затоа, ајде кон некое „Јешчо раз“ побрзо да одиме, О, Диме, о Диме! БЕЛИТЕ БОСКИ НА БОСИЛКА Bелите боски на Босилка бодат Болно во очите на срамежливите – Уплав им лулеат, тајна им плодат Дека е животот право на живите. Блазе ти Босилко в грев што вовлекуваш, погледот бесрамно ми те соблекува. Боските Босилко в „браво“ ти стојат, Очиве јавно им заблазнуваат, Очиве, невешто надеж што ројат, Очиве, немушта тајна што чуваат. Босилко, болко на убавината, Првопрепознатост на питомината. Белите боски на Босилка будат Бура од безумства, вознемиреноти, Неоти буица бесна и луда Влече во невратка секакви цености. Босилко, блажино серазулавена, Од машкогласјето шумно прославена. Блажена Босилко, бездно од занес, Беспаќе. Безизлез. Слатка болештина. Земи, завлечи ме во ѕвезден танец, Лудата љубов е знак на човештина. Босилко, осило на сите сетила, Блазе му оному што си му ветила. Бладежна Босилко, горчлива билко, На сладострасјето си вододелница, Ти – машки матиум, жестока жилко, Ти – мижибајачко, ветерна мелницо, Ти – разлудувачко, жено над жените, Стави ме барем миг меѓу блажените. Пред тебе машкоста ничкум се ведне, Блескотен белег си на младеењето, До кај е женопочитта сè ми те жеднее, Прва си буква на немеењето. Босилко, бисерно грло на благоста, Очиве со тебе ќе ми се нагостат. Босилко, сонот мој в сон ќе те нурне, Вруток си бликотен на несонетото, На чудеснината најпрв си урнек, Утока брза си кон забранетото. Ниеднаш наситка, вечно си девствена, Ти – свето проклетство, болко божествена. Блештат у Босилка боските бели Како изгрејсонце. Небесна свежина Лежи врз денот и ко што се вели Паѓа врз душата незнајна тежина. Босилка тоа, неоти божица, Пристига нечујно, со ситноножица. Пристига лична и блудна и гола, Бессрамно млада, со привлечностите Чека на колена, недомолена, За да ги помири противречностите: Да може човекот в љубов да векува, Да може љубовта да почовекува. ПОФАЛБА НА ГРЕВОТ Дај, земи греши, та барем доизнагреши Главо, без лудачка капа што си, Главо, на распаќа наместо на распетија, Врти се натаму ветрот кај ќе те носи: Додека не си глава на светија Остави гревот нека те расторбеши. Улава главо, никому не те давам За да те тркала и да те кошка! Доброволно јас самиот те клавам Во витрините на отпадот. Преспи трошка На тоа златно буниште, барем една смена, Додека не ти закачат пристојна цена. Збори, дозбори се, та изназбори се, На правдата стани £ најостра кама – (Прведници сме, нели, со нож во појас) За да си секливо сечило избори се, Сечило биди, бидејќи не си светило, Биди му острец на зборот во полн замав. И фрли речовит поглед кон некое понатаму, Реч – меч, реч – сеч, реч – картеч! Во името на таа реџба твоја Нека те преречат, дури нека те черечат Едните. Други ќе те доречат. Гини во името на некоја идна Троја! И греши колку што ти сака душа, За да се сотре гревот грешници се нужни. И отвори му ги на срцето сите вентили јужни Да може барем болките на родот да си ги изнаслуша. Потоа, гревот ќе го раздробиме на ситно, тогаш Побргу белки ќе се одборчиме пред бога. Недостижна НА ОВОЈ МАЛ И СТУДЕН ВЕК (Рондо за Христо Полјански) На овој мал (и студен) век Му бевме загрејувачи – Го топлевме со благорек Му бевме одгледувачи... На овој мал (и матен) век Му бевме разбиструвачи – Развлечени низ бујат тек Му станавме толкувачи... На овој мал (и колнат) век Му бевме добри псувачи – Нè мунѕоса со горкорек: Му бевме побарувачи... На овој мал (и сопнат) век Му бевме разврзувачи – Со ѕвек и сек, со непендек, Сонувачи! Милувачи!... На овој мал (и клекнат) век Му бевме поткренувачи – Му најдовме за простум лек: Му бевме наздравувачи... На овој мал (и клоцнат) век Му бевме обновувачи – Му бевме потсетник за штрек: Спасувачи! Дарувачи!... ТРИ КРАТКИ ЗАПИСИ I. Скица за една грда сказна Убано нè суредија: Најпрвин нè набедија Дека сме биле Со злото заортачени...?! И уште рекоа (или подрекоа) Дека сме буричкале подземи-подај Со очи преку Плотон! Потем нè... Потем нè... Потем нè... И така си дочекамве Пред очи сè да ни потемне. II. Малодушна, македонска – Нè критикуваат Што не сме поотворени! Кутрите ние Од бога и од соседите Со премолк казнети – Душите цел век ни беа Како подгорени И низ рикотници празнети; Кутрите ние Племе и соило непристорени А недосторени! III. Скица за една скришна верба Нив не ги читаат, Нив ги почитаат... А нас пак, грешни души, Желни колку за малку спокој, Скраја нè држат Од обеве привлечности, Мислејќи белким дека Сме НИЕ токму ТИЕ што се на чекор од вечноста. НЕДОСТИЖНА Се свлекуваш! Со ритам божествен. Привлекуваш. Во поза на слеп среќник што прогледал пак Во очи ми се матиш ко сноп од божилак. Од восхитот мој крик очекуваш? Ти прилегам на извор секнат со години што жеднее; Чекаш да се разгрготам, да бликнам... И под сеницата на денот залезно што бледнее Сите минувачи задумани на гозба да ги викнам. За да го возвеличиме од нога мигов редок Кога на дневен ред неодложно љубовта е Точка единствена – а јас пак неоти сум сведок. На некакво новораѓање – сам на себе предок И наследник! – Вдаден попреку божествен мост Со зарек да те следи до крај, до изнеможеност. ЕДЕН ЧОВЕК Има еден има еден Многу многу многу човек – Белки цело човештво е! Чунки живо божество е! Има еден има човек Од човека почовек е: Прецедена човештина! Препечена убавина! Топлината на душата Ти ја дава да се згрееш; Бистрината на главата Ти ја дава да успееш... Тој со зборови те гледа, Тој со очите ти збори – Малкузборник – многусторник Те облекува во грижи. Го сретнеш ли, ти среќата За цел живот ќе ја имаш, Го видиш ли – видовит си, Го снема ли – тешко тебе! Има таков многучовек, Твоето е да го бараш – ЉУБОВНА најобична, дветризборна Сакам ноќва да те сакам Сакам ноќва да ме сакаш Сакај ноќва да те сакам Сакај ноќва да ме сакаш Ноќва сакам да ме сакаш Сакам сакам сакам сакам Ноќва да ме сакаш сакам Сакам ноќва сакам ноќва Да ме сакаш ноќва сакам Да ме да ме да ме да ме Да те сакам ноќва сакам Да те да те да те да те Да те сакам да ме сакаш Сакам ноќва сакај ноќва Сакањето сакам – сакаш Најсакано сакање е – ПЕСНА ЗА МОЈАТА ПЕСНА Знам дека ПЕСНАТА не ми е белег со прст по песок! Знам дека таа не остава едноминутни траги! ПЕСНАТА МОЈА е налик на сончевион блесок Кој мигум ги растајнува новоникнатите лаги жугнати вироглаво, колку за показ пред светот, Неоти стракови со малцеживотен корен – ПЕСНАТА МОЈА... налик на највешто длето Реже ко реч на многуумник токмузборен! ПЕСНАТА МОЈА – силовита и крепка – Прогонувач е на неправините што в бег се вдале; Таа го ведри мракот нашински, вековно лепкав, Стрпливо разградувајќи го каменестото кале од прелаги и клевети, од кое како бујати води Бучат и фучат, тие, со семоќ на виуличава лудост, Неоти јалов шум што само на очајниците им годи И прилега на еднашвидено апокалиптично чудо! ПЕСНАТА МИ е стаменита, поначесто строга, На мојот народец в душа ред некаков ќе сложи – Конечно, ќе ги презре липтежите наши кон бога, Па, така, наместо молби, ќе земе достоинства да множи, Да блескоти со златото на една верба трајна, Срцата што ни ги порабува и влева надеж в очи; Пламења што распламтува на љубов сеоддајна, Што ни ја раѓа самопочитта, силата што ни ја дрочи. КОН МАКЕДОНСКИОТ ТВОРЕЦ Ти знаеш сè, Ти можеш сè, Во тебе сила грдна лежи! Ти грамадо на умот врел Што светот си го зграпчил в мрежи – Те на зборој строги – Ти, поглед в една точка збран, Од луѓето си неразбран, Дај, престрој се кон мисла чиста Врз небото на овој простор мал Што в крвта ти се распослал, – Ко ѕвезда Деница да блисташ! Подзастани и збери сила За подвиг престоен – и речи сè За овој миг, за денов наш И биди само толку смел Колку што умееш да сонуваш‘ Бидејќи имаш машки здив Смогни да станеш горделив, Извиши се над сите ТИ Со својот здрав и буен глас, Ко македонски горостас. АКРОСТИХ ЗА ТАТКОВИНАТА (Налик на старовремска молитва) Македонијо, самороднице, Армасанице на иднината, Кораб, заскитан низ времињата, Едностолбие на добрината, Дарба гласна си на можењето! – Оснажувај нè, озарувај нè Низ маглините на премрежјата, Илинденствувај, македонствувај Јадрожилава и стаменита – Алал да ти е вековечнице! ПОСЛАНИЕ ДО САРАЕВСКИОТ ЛЕТОПИСЕЦ ИЗЕТ САРАЈЛИЌ Изете, брате, Камо те? Како си? Кај си? Успеваш ли да се подзасолниш Во таа лута босненска луња, што би се рекло: без гуња! Не си заборавен ниеден миг, а освен топол збор Што ли да изнајдам за да ти пратам – А знам, од зборов до нос ти дошло, Ги презираш ли веќе поетите-миротворци што ги гоштевавме во Струга, Пукаат сега тие со челични не-зборови, Го дупчат денот со тешка артилерија... Ти сета своја зборовна муниција збери ја и закопај ја во бунарот на времево што нè подлажа и што нè измами со зборови да го позлатиме. Знам дека чуваш надеж во времиња поразумни, ама... Што ли ти остана од верата во луѓето, Каде се верокрепителните, вероносците, верозналците! Колку ти зборови изарчи само За да го внесеш животот проклет во малку вера? Попусто, попусто, попусто брате – Изопачен е светов, излошен, избор се нема... Изете, изохипсо на човештината, Изорај, дај, уште еднаш патека накај добрината, Врзи го очајот свој во јазли од здрави зборови, Па тој што ќе ти разврзе – тој да зачовечи. Издржи Изете, друго чаре се нема, Издржи колку до изгрејсонцето над Босна. ШТО СТОРИВ ШТО СЕ ЗАКУТРИВ?!... Зборојте си ги потсушив, зборојте, Зборојте... поубаво да горат – Неоти како борината од боројте Побргу пепел да се сторат... Мислите си ги проветрив, мислите, Мислите... за да не фатат мемла – Да не мувлосаат, да не се скиселат, Та, вкус да немаат... Јазикот си го поткусив, јазикот, Јазикот... да не мати, да не матка – И сега блеам како припрост скот И секој блееж мој е загатка... Очите си ги замижав, очите, Очите... за да не гледаат сешто – Погледот во една точка го сосредоточив, Во една точка го вклештив... Си реков никојништовец сум, реков, Реков не пререков... колку од инат – Попусто помина еве веков И колку остана од трудот минат?... Но како некое далечно ехо Долета смирувачката мисла на Чехов: К чoрту! Матната нека те носи! Не може ли поинаку – остани тоа што си! ПЕСНА ЗА ШАР-ПЛАНИНА (Скица за возможна сликарска визија) [ара е изнашарана со вар и грутчиња тарана – Шара е ширен ѕид испопрскан од предвелигденски мачканици – Шара е недозаврзана шамија на чупа незабулена – Шара е лице распарано од зелени гребаници – Шара е стара анама од многу живот потулена – Шара е шарена долама со години непреслечена – Шара е песна севдалинка од залез до изгрев развлечена – Шара е зелена пелена од ветрот распарталена... Шара е старица-дооденица од години скукулена... Шара е снеможеница со грб кон Кораб навалена... Во вудве-вутри смалена, премалена, заалена... Скутале шарки начичкано, диплено-недодиплено... Шара е дулак невестински, дарпна копринена... Сеница-растегнатица, вивната лоза винена... Шара е птица небесница од луњи недокубена... Шара е лишка осамена в осама подизгубена – Шара е јајце велигденско со ситни шарки испишано – Шара е голтка напивка од недоцедена тишина – Шара е ширно снежополе, рудина недоиспасена... Хор од поточиња студени палаво серазгласени... Со ѕингар-мингар гласежи - поточиња со ѕвончиња Што трчаат аџамиски низ краишта арамиски... Постара £ е посестрима на Бистра – бисерот планински... Смрштена кон Сува Гора, неука во облекувањето. Не е за мини-замини, дрочи од гостољубие... Таа е прва златигора душата што му ја отвора На секој патник-намерник; таа од срце ве гоштева Со горски божји благодат на царска божја трпеза... Шара е очи-замижи, поглед со глетки нанижи... Шара е куп височинки колку за троа починка... Ако те зграпчи в невреме господ нека те преземе... Поднаѕри ја, засакај ја, за да ти мине маката - Сврти £ грб и нејќи ја,кога се тресе в меќава - Шара е гора шестокрила, шеметна орлова вишина - Волшебен храм е самовилски, заснежено широполе - Градинка детска на молњите, на ровјите, грмежите - Кај што се учат да пелтечат и татнат секавиците - Кај што ја учат азбуката виорите и виулиците - Кај што се преслушуваат пред испит молскавиците - Шара е најпрочуениот македонски ветродром... Шара е ораториум од грмежи и громови... Гороломна симфонија... бетовенско созвучие... Празнична гала претстава на планинско величие... Шара е албум од кули камени многукатници... Ајфеловски, вавилонски, султански, пашини, беговски... Ѕидани-недоѕидани за да го стигнат небото... Шара е коридорот наш кон божјото величие... Мост преку времето и кон небесната пустина... Шара е широк-сокак што води право до вечноста... Шара е шум на волшепствата, шумоглава шир- ширина – Шеметна вртоглавица... и царски друм на спокојот – Шара – шараница божја, на Дичо Зографот недовршена фреска Врз која многуте чуда на светот и блескаат и врескаат – Шара е студентски индекс пренатрупан со десетки... БЕЗНАДЕЖНА ПЕСНА ЗА РАЈКО ЖИНЗИФОВ (Сонет за страста кон осама) БЕЗгробна ти е тагата, Тебе, БЕЗгробнику горд. Сè е кај Тебе под пален знак на грдо минато: Со сите земни убости се имаш Ти разминато! Сè е кај Тебе рана гламјосана... сè е недогор! БЕЗ обувки и риза! БЕЗ Јужно Небо! БЕЗ благ збор! БЕЗ ќулавка! БЕЗ среќа! БЕЗ грст пријатели! БЕЗ дом со топла реч! БЕЗ празнични дати, и - БЕЗ визиткартичка од некој штедар добротвор! О, Рајко - Пеколко! Во овој студен град Рајски БЕЗделничиш в непознат, скришен ад, Засолнет в круг од БЕЗ-ости во таен црносвет... Ќе ми Те оставам БЕЗ китка татковински бол, БЕЗ доливки од чашата со носталгичен алкохол, За да си i во вечноста БЕЗ светов стопроклет... БУНТОТ НА БОИТЕ (Сонетен крик по Петар Мазев) Го нема Петрета Мазев! На друга адреса барајте! Наблизу од студ се тресе позеленетата брза Треска Петрета го повикале „Некаде ГОРЕ!“ , да стокми фреска За новите божји конаци... не е веќе во Сарај?!? Попусто чекаме. Со празни очи. Нема пак да нè збереш, и Пак да нè опчиниш... На трпеза да се раскомотиме, Здравици да Ти креваме, да вревиме, да ломотиме... Те нема порти да ни подотвориш, велможо сарајско- нерешки. Вреват пак Твоите азган бои, низ бучен гласеж... Кутрите, како отпуштени од работа да се - Се збрале да митингуваат, фучат и бучат, се бунат... Те нема да ги изнанижеш во блескотна ѕуница! Нигде Те нема! Чекаме да ни се јавиш. Чекаме-пекаме, мајсторе, денот да ни го разубавиш! ОРАЧ И ВОИН – пролог – Каков ли простор! Почнува муграта небото да го бои Со разблажена предутринска боја, Почнува и добрината в ројаци да се рои, Почнува спокој да ’рти во душата моја. Почнуваш да се поткреваш ти над ридовите сини, Почнуваш да подзазборуваш бавен и плавен збор, Почнуваш да препознаваш волшебства и чудеснини, Почнува да ти доаѓа благовест и одговор. И среде тие наврапити откровенија Одеднаш размисла тајна во тебе глас гласи Дека си ти - алка на големи поколенија И токму поради тоа си должен голем да си. Ти - продолжувач на родот иден И судбина на човештвото - Во твојата судба стои. И беззаштитната природа верна ќе ти биде тебе, - О р а ч и в о и н! БЛАГОПОЖЕЛБИ КОН ПОТОМСТВОТО Да ви посакам сакам, вам – на сите Чеда на моето здраво племе – долг та предолг век! Нека да ви се разгласат стамено годините Низ бучен брзотек, Во денес утрето да ви се преименува вчас, Иднината преку сегашноста да ве довтасува вас. Да ве препознавам само преку насмев Со кој утрината душата ќе ви ја кити. Да сте ведролики – племе животољубиво да сме – Да сте вековити, силовити, стаменити, (За умородници да сме) – од ред раскрилени да сте, Врз дланките на вашето умеење љубов да расте. Да го наттрчате своето можење вие, Попатна станица животот да ви стане И да заблештите како ѕвездено поколение Пред кое врвиците се распослале низ занес. Сè да се осмислува живородно и брзотечно И сè што е минливо да се престорува во вечно. НАШАТА МАЛА ГОЛЕМИНА – МАКЕДОНИЈА На Киро Глигоров, наместо здравица за неговиот 80-ти роденден Таа е тоа што е: недоод-врвица и згора уште два-три метра. Пред да сме родени го знаеме наизуст тој аршин... Напати ни се чини дека е вејвејка помеѓу четири ветра, Но, силата вистинската и е во збирот на срцата наши. Не е за дај колку да приземеш! Сета е светост и клетост. Налик на божица-еднородица носи уплав в очи. Кротко нè гледа кога е времето притемнето И знае да збори речито кога ќе почне да молчи. Колкава-толкава, таа е! Нам ни е галидуша. Кога ќе земат дни наоблачени врз лице да и сенат, Посегаме кон строгоумие – дамарите £ ги слушаме, Неоти предупреда на мајчичка загрижена. Таа е сè што имаме, троа шумовита, отпојќе гола. На веков добрини сее и жнее колку да доварди малцемина. Господе, голем та најголем, научи ме молитви да молам За да ни крепне та закрепне нашава МАЛА ГОЛЕМИНА! КОЖЛЕ (во натпревар со вековите) Онаму, онаму троа подалеку од прстот-показалец, Подуспокоена во својот скротен забег дотрчува Пчиња За да го бакне Вардар како посестрима. Потоа во прегратка, накај Велешкото Водите брзострујно им се мрешкаат... Оттука па до Солуна почнува глас да се гласи: Свидна Вардаријо, наша расцутена токменице, Тебе ко нишан блескотен Кожле ми те краси! Под веѓите на намрштената Даутица Се бистри погледот на Таор попреку мочуриштата. Набргу, налик на преморена птица Долетана од кај шарпланинските снежни вршки, Вардарското разиграно брзоного сугаре Кроце по кроце мине како пред поглед волчки. Кожле од понависочко демне ли демне, Венец од прнар и од брестови наоколу темнее, Стивнат е гласот на Вардар, до Егеј има многу, Основна мудрост на водите им е до морето да дотечат, Потаму – колај било... Блазе ти земјо и пророчка и рогачка, Со тебе сè од Скопје почнува (среќа што не си доточка) – Одовдека па до вечноста сме си свои, Бидејќи умееме да векуваме. Во тие тајни Кожле нè подучува: кроце по кроце врвете, Извирајте од извор, течете како Вардар, Времето не го бројте... Нека размислува тоа! ПОТРАГА Ќе ми те најдам кадешто обично не си – Пред вратите на Рајот! На праг од среќа блиска А уште недофатена. Потем низ громовни урнебеси Небото ќе го тресам, ќе викам, врескам, пискам... Бидејќи, сепак те има! Бидејќи, тоа си – што си! Жена нажежена, жена на жените што чека да вивнам. Ќе ми те дотерам со мерак и ѓавол нека ме носи В устрел-устрелија, в поштук, штом в твојот оган стивнам. Ќе ми те... ќе ми те... ќе ми те... пред сите - ќе ми те положам в кал која што нема сила Да ми те калоса, да те избербати, да ни ги извалка дните, Ќе ми те постелам во легало што не се препостила... Бидејќи, вејвејките и вејкрпите и сите разбранети Убавини без здолништа бараат безумец штотуку пркнат. Ѓаволите, испратени по задача во Рајот, непоканети Овојпат, од завист службена нека да препукнат и цркнат! И нека... и нека... и нека... и нека До што е жар неразгорена в пламен да ја престориме... Ние сме казнети на живот што тече пополека, Затоа, остај и не брзај, во оган ќе си догориме. Ќе ми те најдам, дури и да те немало никогаш... ПРЕТПРОЛЕТНА „Пролетта отсекогаш била големо до најголемо ЌЕ..." Срамежливо зеленее тревата. Набргу пролетта дрвјата ќе ни ги кити Со булук бои. Птиците ќе вреват, а Дечињата ќе се разлетаат игралити, молневити. Небесата предвелигденски измиени, чисти, Ќе ги пречекаат крилестите преселници, Дојдени како надразумна вистина, Ќе нè расположат небесните веселници... Ќе ни се распее душата, ќе вивне таа гласовита, Ќе ни подолесни од многуте пцости и злости И ќе се прибере дома како преморен скитач, Личен тој – Свети Трипун – ќе ни биде гостин! Се распарталило небото на парам-парчиња, Ветрот доброволно земал улиците да ги мие; Набргу пролетта врз глава ќе ни се качи, Ќе ни се вовре пролетта в нос како миризливо остроумие. ЕСЕНТА И МАЛИТЕ ЗАНЕСЕНОСТИ 1. Колку е убаво да си сам! Колку е благородно да самуваш Кога си свесен кој си и што си! – Дожд да го влажи стаклениот рам. В матното да си се видиш во безнадежен марш На непрепознати голи и боси! – В тој занес мал да сетиш одеднаш Дека од студот си се вкостил Ничиј и никаков, без перде и без срам! Есен. И студ. И влажен макадам Што очите кон некоја пролет ти ги носи... А ти, а ти пред својот привид доброволен си страж! 2. Ужас е драга предвкус да немаш, Предвкус за сешто, но пред сè нешто Што те претпазува од урокливи очи - Доза за отпор кон злото земаш И тргаш силовито и вешто Кон уплавот што во тебе започнал да дрочи. Бегаш од себеси...Кон што? Кон каде? Низ рамна пустина, како низ прва слана Пред ветрот-жедник што е распослана. Те пие некој иштавлив ветер – Мене ме јаде и гризе совест Дека сме двајцата штогоде, ете, Сме бессилни во пронаоѓањето точка На решението – да има зловест Крај на мамурлакот од доточката... СТАРЕЧКА ПЕСНА 1. Се движам бавно. Чекорот ми е спор. Тргам, се разбира, со левата. Десната само ме крепи. Сиот сум ненужно прашање – без можен одговор! Членувам доброволно во Сојузот на Полуслепите... 2. Тржествено сум сам. Дури - воинствено сум сам. Налик на самјак-благородник, со прекар: НАЈ-НАЈ- НАЈ! Можеби благовремено ме бележале со пален знак на веков? Уважени и добродушни корисници на ова мое кажување, Дозволете троа право на дорек – реков што реков: Иштавлија сум уште да македонствувам! Низ восклици и прашалници и обвини и самоосуди. Ова го чинам откако за себе знам, од почеток до крај. Ете ја тајната на недоодот на мојот СПОКОЕН ЧЕКОР. Јас МАКЕДОНИЈАВА ја прогласив за вера и за храм. Имено, поради тоа сум долговечен и непореклив! Имено, поради ова, токму поради ова немам ни трошка срам Дека ме бројат сеуште за жив! Бидејќи, слушнавте, нели, јас м а к е д о н с т в у в а м. Го чинам тоа како дотресок од едно славно племе, Грижејќи се да го растолкувам Лудово и растрчано време. 3. Ме скараа ли годините со иднината? Напорки ли таа ме гледа? Утрежите куќа што ранат се ежават ли пред мене? Пак непланирана караница! Минатото ме обврзува толкувач да му бидам Токму низ нашево време...низ растрчаново денес... Немам ни првична претстава колкумина ме следат? Се открив на опашката на сеопштата трчаница. Клинкам и куцам и се тетеравам. В пресрет на Утрото идам Подзамелушен накај аголот, кадешто, се сеќавате, дека Таа, Господинката Смрт - иштавливо ме чека и ме пека. 4. Се поревам подгрбавен од почести, титули, дипломи... Одбран сум како принова и меѓу Н а ј о д б р а н и т е. Некаде, веројатно, планираат да ме искачат и во фреска! Дребнавото во мене зема на крупни парчиња да се ломи. Врз глава локален нимбус /од оние поевтините/ ми блеска. Но, по ѓаволите, каде ли ќе го сместам сето ова?! Мала е гробната јама за волку голем товар. 5. Бев ли доброволен глувтар во земја кајшто премногу се вика? За да ме стокмат во немтур немале доволно пари. Поради ова напишав песна за тресидрвото по име трепетлика За некој да се досети повеј од свежина да ми дари. Попусто, попусто, попусто сè е...па, поначесто чинам Дека во сенката на сопствениот привид кајгоде некаде минам. Можеби само сум минувач низ некаков вонправописен страв, Наполно свесен дека многумина надживеав! Оние што уште не сум ги...нека причекаат да ги надпеам. (Впрочем, оваа ука уште од младини наизуст си ја знам) – Премногу префикси со компаративна предност НАД ме китат, Оттука, не ми ни треба некое енормно итање! И така, во стил на претекнувач, без додатни напори си минам, Важен и горд дека лека - пополека престигнувам многумина. Па, не чудете се тогаш, вие наттрчани, ова уште ако трае, Јас си ја имам научено патеката од „А" до „Ш" – А целта...а целта...??? Неа отсекогаш, неа отсекогаш предобро си ја знаев. ИСПОВЕД низ црнозборјето на распенетите анапести Има дни кога сум многу сам, свој и сам, Без пренагласки сам...чунки изгаснат плам... В таков миг, добро знам, дека сè презирам! Горди младини мои – нежно – безгрижни дни, Преку полето-живот сте раздиплиле сни... Луди години мои, бујни младини! – Несон долг. Пат низ молк. Друм до друм – кој ли сум? Накај кај сум се вдал? В забег? В страв? Трчешкум? Во врел ден? Божествен? Обгорен в многу шум? Сам и млад. Млад и сам. Многу сам. Многу млад. Преполн јад, вивнат над склупчен град, Желен мир, желен сон, желен дожд, желен глад! И, подзастанат в миг, негде наспроти нив, Истопорено сам, згора горделив, со полн здив Се развикувам в гнев: Јас сум жив! Јас сум жив! Зарем малку е тоа? Зарем злосниов крик Не е вик што најавува горд и врл победник В достоинствена поза и благороден двиг? САМООБВИНА Убаво ми ти велев: Не ломоти штогоде пред којгоде! Улав е животот а луѓето се итроманци – За колку еден мал утреж (Куќа што рани) Ќе ми те стокмат во белезици За да си останат тие (итроманците) небележани! Ај сега, почни да патуваш По недоодот на патилата, Доизмери си ја силата... (а) Удирај се по глава, сиот џумкосај се, По главата што ја немаш кога ја имаш, – (б) Растапани ја, престори ја тарабука, Тарај и букај, додека пак се сетиш Дека е главата досетка божја нумеро уно, (в) Обиди се да го поддотераш умот, Покани го негде заедно да седнете На трпеза, да се почестите, да се доближите, И да помислите да си речете, неречливо; – Добро ќе беше да си се слушавме! Убаво ми ти велев: Не ломоти штогоде пред којгоде! Остај £ го тоа на песната - громогласница, Таа го пронаоѓа и го спепелува Отровот на шепотот...Таа...Таа... ОРАЧ И ВОИН – епилог – (скица за најмакедонска песна) Ора и војува... Инаку како? Браздата ветува леб. Пушката глава брани. Ралото гладот го брка. Пушката клука против мракот. За жал, пцостите не ги косат голите дебрани! Ралото куќа сити. Пушката живот штити. Без првото – глад! Без второто – смрт! За да се закотат дечиња стаменити, глуждевити, Нужност е: дење – орач грд а ноќе – воин тврд! Така од искони било. Од прв до последен здив Се браздело низ испустеното, се гледало во невиденото. Си орал за да си сит, си пукал за да си жив, Чинејќи едно од забранетото и дозволеното! Нашиот орач и воин – нашиот татко и син, Орале и војувале, чинеле што треба да се чини: Како во сказните – џуџето израснувало во џин Ставајќи им точка на своите болештини. Позло од злото е само тоа што најмалку е наше! Најнаши сме ти биле кога сме орале и пукале... Старите од рало и од пушка не се плашеле, Ги внеле обете згоѓи како секојдневна ука. Голем е Господ! Нам колку сонце ни е Крстот. Словото божјо по бразди и по боишта го бараме. Требно е да се знае: за да сме племе цврсто, Со ралото и со пушката не бива да се караме! СЕКАЛО, КРЕМЕН И ТРАТ О... О... О... (Огнени обрачи одоколу) Офкајте офофковци, Како офтикалии, Како олелеофковци, – Обрачот одоколу е огнен! Ако го стегнат Ќе доизгориме (Мислам: ќе доизгорите!). Јас ви се обраќам Во второ лице множина, Токму вам, (со мала буква: в а м) Наполно свесен дека По крв и здив и бол сум ваш, Ама во стравот не – Не сум во стравот еднаков со вас! Не сум над вас, ниту до вас, Скраја сум јас од вас Никаквеци, цревоугодници, боклуци, Трчилажи низаедни, Лапни-штогоде-лапачи, Лиживагани, Даскалот Џинот што ни го изедовте, Изестливци пусти, Бутур да се сторите, Дај Боже да се бутуросате, Да се бутелисате Та Бутел да не ве собере, Колвај-души, клукни-голтници, Петлосани кукурику-пејачи, Стивосувачи на нашите души, Мувлосувачи на Денот Наш, Прематари на судбината, Шеш-бешџии, баш-арамии, Лимонтузи, грозни сенештари, Арамолепци, тресиопашки, Џамбази и давајгази, Семето да ви се затре, Учки со змучки да ве сучат, И да ве полазат Змии и стии и мимикрии, Ѓеризољупци, скапани трупци, Сештодупци, Апашко-врашки и богаташки, Да се витосате ќешки Налик на магарешки лепешки, Да се глумнете во сопствените лајна, Така - набавтана! П.С. Во трката на сеопштата збрка Да ги заземете првите места, бркајќи Договорни ловорики, Сркајќи и кркајќи од обедот О...о...о... БАЛАДА ЗА ГЛАВАТА Таа глава величава, белузлава, коштилава, Глава здрава, шумоглава, умна, шумна и поштумна, Ум на светот што му дава, што создава и преправа, Бележана, мунѕосана, дамкосана, чумосана, Ветросана, пеплосана, далдисана, гламјосана, Што ја клале и валкале, ја клоцале, ја кошкале, По боклуци ја фрлале, до небеса ја кревале, Ја мразеле и газеле, ја мачеле и мочале, Глава права, вироглава, штуроглава и жилава! Таа глава шаренило, руменило, зеленило, Глава – ава, дај што даваш, дај што било – Давај шило за острило, бутурило за бесило, Грош за лира, грам за кило (Времето се збудалило!); Таа глава што ко ала над светот клет застанала Да ги вџаши и преплаши сите наши кревајчаши, Се слизнала, не сетила кога глава искршила. И од тогаш, леле мале, безглава ја завикале, Па, благ совет вчас £ дале: троа да се подистави Од свет каде што владеат главосани фодул-глави. АНТЕ Ми дојде колку насоне Ем лут ем ведролик, Велејќи ми: – Зарем ме подзаборави, другар? И дури да почнам Да му објаснувам – Нешто го пресече сонот. Ако е до лутина, Колај било, И ние живите сме добри лутачи Се мрштиме за штогоде, Ама... Си реков: Анте е Анте И кога ни се лути Не го замрачува челото, Вечно е ведролик... Па, како вечно жив, Нè советува: – Со кроце, со благо! СЕКАЛО, КРЕМЕН И ТРАТ (Македонски триптихон) I. Секало – Метален факт, Ѓаволова кованица, Згоѓа без која не се може До оган да се дојде, До неопходноста Нешто да нè грее, Да ни свети, Да блескоти, Да нè добришува од фактите... Рожба на секавицата, Само што не умее да татони, Туку со причина начнува искра Којашто може да се преименува Во почеток на настан! II. Кремен – Неоти подајкамче А тоа да ти е близнак на белутракот, Цврстина одбрана За да го доварди огнот, Неугледна грутка Огнородилка, Немтур што умее Искрено (читај: разискрено) Да те зазбори Та да те надзбори, (читај: за да те разгори) Колку да пламенееш Без престан! III. Трат – Првата постела На божествената разискреност, Лулка и гроб На мигновеното чудо, Прва поука дека Не е најбитно на што прилегаш Туку од важно поважно е Што даваш! Центар на земај-давањето, Постулат – Уникат – Корелат – Огностан! ИЗМИНАТ ПАТ (Триптихон) 1. УПАТСТВА Изминат пат. Неоти век ставен врз грб. Полесна ли станува в миг твојата скрб? Докрајчи ги страдањата, патилата... Наназад – бол. Нанапред – сон. Кон недопреното се распукал нов хоризонт. Со смирен од подгазувај до кај што држи силата. 2. СОЗНАЈБИ Твое е сè што е по пат поминато. Божји е имот она што не е достигнато. Божји е кат она сè што се подразбира рај. Прескокни преку знајбите. Изнајди мост Попреку пеколот наречен безнадежност. Не тагувај. Молчи и знај: сè има крај! 3. ПРЕПОРАКИ Не плапоти. Не баботи. Стокми се ти Колку за здоглед на височини нестигнати. Патем, постилај ги парталите на патилата... Патот е долг. Ем должина ем обврска. Подземи здив, Виј како волк – самостоен, несовладлив, – Твојата моќ, тоа е силата на сетилата! ЉУБОВ Двајца сопружници Налик на кротки птици Љубовта уште од рано-рано Ја осмислуваат. Се чини, како Да £ го оправдуваат Постоењето – Рековме или подрековме, Сеедно, Двајца сопружници, Во години, Неоти гулаби, Кога со клуновите Се милуваат, Налик на црнци Што произведуваат Добрини во бело, Си делат ѓеврек, Штотуку испечен – Си делат ѓеврек! РАЗМИСЛА 2004-та Ниту бладам, ниту колнам, ниту пцувам... Еднипати многумина мунѕосувам – Многумина прекорувам еднипати Што во душа срамен уплав ги зафатил. Врз грб ни е бидувачка мошне тешка... Живееме одвртена вртелешка – Минатото го ежави денешното! Никако да ни ја простат сегашноста! Наоколу орлишта и гавраништа... Заѕверени луѓе-лишки фрчат, пиштат – Македонци! Кутри луѓе, денот многу ни се згадил Од глутници, од стрвници мршојади. Безвкусица нам животот ни се сторил... Роднокрајот вивнал в оган, кога-тогај ќе изгори – Нема благ збор, ни сочувство, нема надеж, Ни разумник троа ум што ќе ни даде. Сè е грдо, светот в уплав улавее... Животот што лудо тече живот не е – Гори земјо беспомошна! Така мора! Безумствата прав и пепел ќе те сторат. Земјо родна, домот стамен ти се клати... Древни села пеплосани, древни цркви разурнати – Не прокопса ни од свои: в очај ми те престорија, Валкајќи ја, газејќи ја сета твоја историја! Луѓе, глави разбистрете, боднете ги вардарите, Скорнете ги од сон блажен сердарите – Исправи се простум, Земјо: доста ти е падни-стани, Скорни ги од гробот черен својте кузман-капидани! НЕНАСЛОВЕНА Боже! Боже! Во овој наш божемен живот Низ кој безглаво талкаме Валкајќи ја штуроглаво стихијата На нашето скржаво множење, Шумно ја разгласуваме вистината На своето клето неможење! Неоти втрештени Од некоја здодевна иднина, Си ја пеплосуваме сегашнината Низ збирните рикотници: МА – МО – МО – О – О – О! Божемен евергрин На македонските монструми и морони! Мајчини чеда, Мамето мамино ваше, Мавнете се што побрзо, Мавнете се што подалеку та најдалеку Од мајковината, запустете се во мајчината, Стилизирајте го бегството во ритуал и плач, Безумното бегство од себе, Оставете нè да вегетираме како остаток... Алал нека да ви е – зад грб со татковското. Нам ќе да ни е доволно своето пред очи, оти И љубовта и очајот се најголеми Кога со отворени очи се гледаат! МАКЕДОНСКА (III) (За неопходноста од тагата) До Солуна сто сомуна! До Стамбола двесте лири! До Москва, пак – триста мечти И надежи и занеси, присобрани Низ вековно падни-стани... Најлесно е пат да фаќаш – вон своето. Потешко е да се враќаш – кон своето. Треба сила – добра сила, многу сила, Позајмени орел-крила И расцутен страк на тага За родната грутка драга, До која и пеш ќе втасаш Успееш ли да повјасаш!